Сведокот Гоце Трајковски рече дека добил закани по живот пред да сведочи на денешното рочиште за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски што се случија во ноември 2023 година.
Трајковски рече дека не познава никого од обвинетите, освен Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања. Тој рече дека првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо бил зет за прва братучетка на мајка му Кираца Трајковска.
– Првпат во живот ги гледам. Ниту Палчо го знам, ниту првата братучетка на мајка ми, односно тетка ми. Сакам да напоменам дека имам смртни закани од овие психопативе, од профил на Фејсбук „Недвижности Битола“, кои ми пишаа „Пази што збориш да не пропаднеш во дупка“. Заканувачите после сами се издадоа дека се од партијата Десна, кога се вклучија лајв од партијата. Имам и тужба против нив. Јас не сум 14-годишно девојче или стар човек за така да ми се закануваат – рече Гоце.
Сведокот Трајковски одговараше на прашањата на обвинителките кои го навратија на денот кога исчезна Вања. Гоце рече дека дента спиел до 10 часот и дека кога отворил Фејсбук прочитал дека е исчезнато девојче од „Песталоци“.
– И се јавував на ќерка ми која учи во истото школо ама не ми крена. Ме фати паника и ѝ се јавив на мајка ми. Таа ми рече дека девојчето е на час и дека ја следи на апликација. После тоа накај 13 часот мајка ми ми пиша порака дали знам чие е девојчето што го нема и ми кажа дека станува збор за Вања на кумот Саше. Имаме старо кумство со Саше, ми беше кум на првата свадба. Никогаш не сме се дружеле. Се немавме слушнато 15-20 години. Мајка ми ми рече да му се јавам на Александар и да му помогнам затоа што имам луѓе секаде. Ѝ одговорив дека ми е незгодно оти долго време се немаме слушнато, да не испадне дека сакам да фаќам сеир. Во 20 часот вечерта пак ми рече да му се јавам и да му понудам помош, ми го прати бројот, па јас му напишав СМС порака „Здраво Саше, овде е синот на Кираца, ако треба помош барај ме“. Ми врати дека е во полициска станица и дека дава изјава но дека ќе ме побара кога ќе излезе – рече Гоце.
Двајцата зборувале на телефон, меѓу другото, и за тоа дали да се вклучи куче трагач да ја бара Вања, дали Вања има дечко, дали е вљубена… Таткото на Вања рекол дека никогаш дотогаш не се случило да ја нема цел ден.
Се сретнале првиот пат пред зградата на Александар. Гоце прашал по која патека одела Вања на училиште, а Александар му покажал апликација која точно покажала каде се движела Вања.
– Излегов на улица, барав камери. Прво ги барав снимките од продавница за душеци ама ми рекоа дека камерите подолго време не работат. После тоа отидовме во фризерница чија камера фаќа точно пред скалите од зградата. Газдарицата беше културна и ни даде да ги гледаме снимките од нејзиниот телефон – рече Гоце.