Search

Шилегов: Не работам 24/7, но ветувам дека Скопје ќе го направам убав град за живеење

На Локалните избори во октомври 2017 година граѓаните избираа градоначалници на 80 општини и Градот Скопје. Македонија во најголем дел од општините избра нови градоначалници, кои ја ситнат вторта година од мандатот. 24 Инфо разговараше со дел од нив, а тие рекоа што остварија од ветеното, дали се задоволни од сработеното и што може граѓаните да очекуваат од нив до крајот на мандатот.

 Градскиот татко Петре Шилегов на половина од четиригодишниот мандат за 24 инфо вели дека за изминатиот период од две години може да се пофали со низа капитални проекти. Целта му е да го направи Скопје пријатно место за живеење за неговите граѓани. Засега не размислува за нова кандидатура, бидејќи вели дека сеуште следните избори му изгледаат далечни, и на шега вели дека треба за ова да го прашаме догодина во истиот период. Признава дека не работи 24/7, но успева да најде време за себе, семејството и за пријателите. Вели дека Скопје заслужува и Скопје може да биде поубав град за живеење.

Две години откако сте на функцијата градоначалник. Што беше планирано за овој период, а што е остварено?

Речи си сме на половината од четиригодишниот мандат, а за таа цел подготвуваме детална информација која ќе биде дистрибуирана до медиумите и ќе ги содржи сите реализирани проекти на градската администрација. За ова ќе замолам за трпение бидејќи ова е планирано за крајот на октомври кога впрочем и навршуваат 2 години од мандатот. Но тоа не ме спречува во оваа прилика да издвојам само неколку од поважните проекти на кои сме целосно посветени. Го формиравме новото акционерско друштво Градски енергетски системи кое е влезено во процес на преземање на топлификациона мрежа и планирање на градската дистрибутивна гасификациона мрежа со цел да се пристапи кон интегрирани системи на затоплување коишто во сериозна мера ќе го намалат аерозагадувањето предизвикано од затоплувањето на домовите. Го решаваме проблемот со градската депонија Дрисла заради што ја поништивме одлуката за давање под концесија со непрецизно дефинирани услови и неисполнети обврски на приватниот концесионер. Со тоа создадовме услови судбината на Дрисла одново да се дефинира, ама овој пат согласно интересот на граѓаните кој подразбира многу поодговорно менаџирање со отпадот. Во делот на инфраструктурата воведуваме нови стандарди за квалитет и за брзина на реконструкциите на градските улици и булевари. Правиме два нови булевари во северниот дел од градот, тоа се булеварите „Босна и Херцеговина“ и „Христијан Тодоровски Карпош“. Го прошируваме булеварот „АСНОМ“ каде што годинава ќе почнеме и со изведбата на мостот на Вардар кој ќе ги спојува општините Аеродром Центар и Гази Баба. Започната е постапката за добивање на проект за мостот на бул.„Св.Климент Охридски“ и тунелите под Кале кои ќе го растеретат сообраќајот во Централното градско подрачје. Современо булеварско решение ќе имаме и под комплексот на Лимак кое исто така треба да го релаксира сообраќајот во центарот на градот. Работиме на целосно нов концепт на јавниот градски превоз кој подразбира не само замена на старите со нови еко автобуси, туку многу повеќе од тоа. Скопје многу скоро треба да добие брз и ефикасен јавен градски превоз кој ќе ја намали употребата на автомобилите за сметка на сите одржливи форми на мобилност од јавен превоз преку велосипедски сообраќај до пешачење. Во таа насока, минатата година имавме рекордни 14,6 километри нови и реконструирани велосипедски патики за само година дена, со поставувањето на заштитни столпчиња ослободивме преку 5 километри велосипедски и пешачки патеки кои досега биле користени за непрописно паркирање. Во континуитет се работи и на обновувањето и заштитата на постојното, како и на подигнување на ново урбано зеленило. Само една година беа реконструирани рекордни 130.000 метри квадратни урбано зеленило. Засадени беа повеќе од 8.000 висококвалитетни повеќе годишни садници на повеќе локации во градот при што беа засадувани нови и обновувани постојните дрвореди. Подигнавме и неколку нови паркови. Се работи за паркот Ибни Пајко, паркот во Драчево, паркот кај Архитектонскиот факултет. Го реконструиравме и стариот дел од Градскиот парк, како и Финскиот парк во населбата Ченто, а започна со реализација и проектот зелен кров на ГТЦ. Реконструирани се фасадите на 13 средни училишта, обезбедени се 572 прочистувачи за воздух за секоја училница, бесплатен автобуски превоз за сите средношколци независно од местото на живеење,  завршена е реконструкцијата на внатрешната столарија речи си во сите средни училишта во градот, адаптирани беа тоалети за лица со посебни потреби во 7 средни училишта, а исто така беа обезбедени и посебни паркинг места за овие лица во неколку училишта.

Каква е соработката со централната власт?

-Соработката со централната власт е одлична, но јас сум еден од оние луѓе кои сакаат да веруваат дека секогаш може подобро. Она што на состаноците на ЗЕЛС редовно го дискутираме со претставниците на централната власт се препораки кои опфаќаат поголема децентрализација на надлежностите во интерес на брзо и ефективно реализирање на обврските кон граѓаните за кои ја имаме добиено довербата на избори. Секако во овој дел има простор и за поголема финансиска поддршка, односно во Буџетот на РСМ да се предвидат повеќе средства и во делот каде што имаме поделени надлежности, но и во делот на сите останати проекти каде што има потреба од таква поддршка имајќи ги предвид лимитираните буџетски средства со кои располагаат единиците на локалната власт.

Колку новите обврски ви оставаат простор за приватниот живот?

Просторот за приватен живот во вакви околности е сериозно лимитиран, но убеден сум дека секој одговорен политичар си го има расчистено ова прашање со самиот себе и со своите најблиски уште пред да почне да се занимава со политика. Од друга страна пак верувам дека ако добро се планираат и организираат времето и активностите, останува доволно простор и за приватен живот кој подразбира време за семејството, за пријатели, за дружење. Се трудам состаноците да ми бидат крати, но ефективни, при што речи си секогаш настојувам да се фокусирам на суштината на предизвиците и проблемите што заштедува доволно време за сѐ во животот.  Нема да лажам дека работам 24/7 како некои ликови кои се минато во македонската политика, но со сета скромност можам да кажам дека и покрај тоа успевам да завршам сериозно поголем дел од обврските споредено со луѓето кои во тврдеа дека работат 24/7.

Што им ветувате на граѓаните за следниот период и дали ќе се кандидирате на следните избори?

Започнавме многу големи проекти кои не оставаат многу простор за размислување за кандидатура за нов градоначалнички мандат. Верувам дека како што се ближиме кон крајот на мандатот ова прашање ќе станува се поинтересно, а и одговорот на истото ќе станува се пореален. Во таа насока убеден сум дека за една година од сега одговорот на ова прашање некако природно сам ќе се наметне, но тоа е помалку важно во овој момент. На средината на мандатот многу повеќе сакам да размислувам за реализацијата на започнатите проекти и за обезбедување на потребните човечки и финансиски ресурси кои би биле доволни за завршување на проектите во предвидените рокови со цел граѓаните да имаат на располагање една ефикасна и функционална локална власт која во целост ќе ги задоволи потребите кои ги наметнува современиот начин на живеење. На крај би подвлекол дека на крајот на овој мандат граѓаните ќе можат со гордост да кажат дека Скопје е модерен град, со функционални и одржливи сообраќајни решенија и во голема мера решен проблемот со паркирањето со воспоставен ред во урбанизацијата на градот, со повеќе јавни простори, нови паркови, ослободени велосипедски и пешачки зони, развиена велоспедска мрежа, подобри услови за одвивање на наставата во средното образование, поголема поддршка за младите таленти и подигнато нивото на квалитетот во културните и спортските настани поддржани од Град Скопје. Скопје заслужува и Скопје може да биде поубав град. Со заеднички сили верувам дека ќе ја постигнеме целта Скопје да биде град во кој многу поубаво и многу поудобно ќе се живее.

Валентина Ангеловска

Фото: Слободан Ѓуриќ

 

Треба да знаете
Последни објави