Search

Филмови, игри и забава за деца преку платформата Cinesquare

Македонската стриминг платформа Cinesquare за најмладите корисници воведува ново возбудливо искуство – Kidsquare за деца во возраст од 6 до 12 години. Почнувајќи од денеска, повеќе филмови за најмладата публика, дел синхронизирани на македонски и албански јазик ќе може да се гледаат на платформата со соодветни игри и квизови прилагодени за најмладите корисници. Kidsquare користи гејмификација за да го направи искуството на платформата поактивно, како играње игри или одговарање квизови поврзани со филмовите за собирање на поени кои корисниците понатаму ќе можат да ги реупотребат.

Услугата ќе биде достапна за корисниците на Cinesquare со месечна претплата, без потреба од дополнително инсталирање софтвер и прилагодувања. Корисниците ќе можат да ги гледаат германскиот филм „Смрдушковци-добредојдовте во Смрдвил” синхронизиран на македонски и албански јазик, холандските „Лето со Рана” и „Дрвени лудории”, финскиот „Сихја – бунтовничката самовила” и многу други.

Лансирањето на Kidsquare означува значаен момент во европската Видео он деманд сцена. Kidsquare е почетна точка за воспоставување на паневропска алијанса посветена на промоција на аудиовизуелни дела за деца.  Овој проект е соработка помеѓу домашната компанија Катавеј како лидер на проектот, полската Нове Хоризонти и италијанската Нексо Диџитал како партнери, кофинансиран преку програмата на МЕДИА – Креативна Европа.

-Ние сме возбудени да го претставиме Kidsquare и да обезбедиме разновидна палета на висококвалитетни филмови за деца со елементи на гејмификација на гледачкото искуство. Гејмификацијата вклучува инкорпорирање на елементи слични на игра, како што се играње игри или одговарање на квизови поврзани со филмови за да се направи искуството на платформата попривлечно. Овој проект претставува заеднички напор за промоција на европски содржини и за задоволување на потребите за забава на младите корисници. Посебно не радува што од „Креативна Европа” ја препознаа оваа важна иницијатива и ја поддржаа што зборува за нејзината европска димензија и потенцијал да стане омилена дестинација за семејствата ширум Европа  – велат од Катавеј.

Kidsquare услугата за сега е достапна во земјава, Албанија, Косово, Словенија, Италија и Полска преку платформите Cinesquare, Nowe Horyzonty и Nexo+. 

Треба да знаете
Последни објави