Skip to main content
Македонија

И покрај релативно топлото време нема опасност од предвремен почеток на вегетацијата, велат агрометеоролозите

31/01/2025  09:45

Минатата недела во земјава беше променливо облачно со сончеви периоди и со пораст на дневната температура. Но, иако ова релативно топло време за овој период од годината може да предизвика предвремен активен развој на растенијата, сепак, се уште не преставува опасност од предвремено потерување и почеток на вегетацијата, велат агрометеоролозите.

Ваквите временски услови, според нив, се уште се во границите на издржливост во услови на презимување.

-Периодите на затоплување се честа и неповолна појава за земјоделските култури во зимски услови. Генерално можат да бидат со пократки или подолги временски периоди. Денеска и утре времето ќе биде стабилно, а во недела попладне, во текот на ноќта кон понеделник и во понеделник претпладне се очекуваат врнежи од дожд, а на планините од снег. Во понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер, кој ќе предизвика опаѓање на температурата. Врнежите од дожд ќе придонесат за зголемување на влагата во почвата, со што се обезбедува добра залиха на влага за успешно навлегување на посевите во период на пролетен развој, истакнуваат агрометеоролозите од УХМР.

Тие препорачуваат, ако почвените услови дозволуваат земјоделските производители да почнат или да продолжат со активностите и грижата за посевите, како и со изведување на работи во поле.

-Да се преземат превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции, да се расчистат одводните канали за полесно одлевање на површинските води и заштита од нив, апелираат агрометеоролозите.