Skip to main content
Свет

Њујорк Тајмс: Иран се подготвува за војна со Израел, но се обидува и да ја избегне

25/10/2024  11:28

Иран се подготвува за војна со Израел, кој најави одмазда за иранскиот ракетен напад, но и се обидува да избегне ширење на конфликтот, пишува „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на ирански претставници.

„Иран им нареди на вооружените сили да бидат подготвени за војна, но и да се обидат да ја избегнат“, пишува весникот, цитирајќи четворица ирански официјални лица кои рекоа дека иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи им наредил на иранските вооружени сили да направат повеќе планови како одговор на очекуваната израелска одмазда.

Иранските власти предупредија дека Иран ќе изврши напад врз Израел доколку израелската армија при нападот има жртви или се причини значителна штета.

Официјалните лица, од кои двајца припаѓаат на иранскиот корпус на револуционерната гарда, рекоа дека Иран дефинитивно ќе одговори доколку Израел ги погоди иранските нафтени локации, нуклеарните постројки или цели на високи функционери, пренесува Танјуг.

Како опции за одговор на таков напад од страна на Израел, официјалните лица наведуваат напад врз Израел со до 1.000 балистички ракети или прекин на снабдувањето со енергија во регионот, пишува весникот.

На 1 октомври, Иран лансираше повеќе од 180 ракети кон Израел, велејќи дека тоа е одмазда за убиствата на водачите на милитантните групи Хамас и Хезболах, како и за агресијата во Газа и Либан.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека Иран ќе плати за нападот.