Надал загуби од наследникот- Алкараз ќе игра полуфинале со Ѓоковиќ

Деветнаесетгодишниот Карлос Алкараз го победи неговиот сонародник Рафаел Надал и во полуфиналето на турнирот во Мадрид ќе игра против Новак Ѓоковиќ.

Алкараз важи за наследник на Надал, а веќе почна да го победува својот легендарен сонародник.
Првиот сет го доби Алкараз убедливо со 6-2, а во вториот Надал беше уште поубедлив, го доби со 6-1 и израмни на 1-1 во сетови. Во третиот решавачки сет Алкараз победи со 6-3.

Ова им беше трет меѓусебен меч, Надал ги доби првите два – во Мадрид лани и Индијан Велс сезонава, а денеска Алкараз оствари историски триумф за него, прв против легендарниот сонародник. Во исто време, ова е веројатно најдобриот начин Алкараз да го прослави својот 19 роденден.

Она што е најинтересно во целата приказна е тоа што Алкараз во полуфиналето ќе се сретне со првиот тенисер во светот, Србинот Новак Ѓоковиќ, кој претходно денеска убедливо го совлада Хуберт Хуркач. Ѓоковиќ славеше лесно со 2-0 во сетови, 6-3 во првиот и 6-4 во вториот сет.

Ова ќе биде прв меч меѓу Ѓоковиќ и Алкараз, а ќе биде многу интересно да се види каде е суперталентираниот Шпанец денес во однос на најдобриот играч на светот.

До крајот на денот треба да се одиграат уште две четвртфинални двојки, Рубљов – Циципас и Оже Алиасим – Зверев.

Треба да знаете
Последни објави