Skip to main content
Македонија

Левица: Интерпелацијата за Даути е успешна, Гаши да го одблокира Законот за бранителите

16/01/2025  15:56

Соопштение на Левица:

Интерпелацијата поднесена од пратениците на Левица за Претседателката на Комисија за социјална политика, демографија и млади е успешна. По изгласаната интерпелација и јавен притисок поттикнат од Левица, Илире ДАУТИ си даде оставка и повеќе не е Претседателот на оваа комисија. Воедно, Левица го поздравува потегот на пратеничката Даути, која демонстрира политичка одговорност и се надеваме дека овој пример конечно ќе ја подигне демократската култура во општеството.

Пратеничката група на Левица има дијаметрално спротивни ставови и гледишта по повеќе работи со Илире Даути, но и покрај тоа, го поздравува и ѝ честита за овој потег, затоа што со ова, конечно покажа интегритет.

Изгласаната интерпелација значеше дека се обезбедени гласови за формално разрешување на Даути од страна на Пленумот. Но, и покрај тоа, Левица не покрена формално процедура за нејзино разрешување преку Комисијата за избори и именувања и оставипростор од неколку дена, Даути сама да се повлече од функцијата и да си даде оставка, што на крајот се случи.

Ова е прва успешна интерпелација во историјата на Собранието на Република Македонија од ваков тип. Товарот за блокирањето на Законот за бранителите сега повторно е на Претседателот на Собранието. Левица го повикува Африм Гаши да постапи деловнички и согласно ингеренциите, да ја свика Комисија за социјална политика, каде конечно Законот за бранителите, да биде одблокиран и се најде на дневен ред пред пратениците.