Skip to main content
Магазин

Генерацијата Z ја диктира цената на дијамантите!

14/01/2025  20:36

Падот на побарувачката и падот на цената на дијамантите го „потемни“ сјајот на дијамантите. Новиот играч на пазарот, глобално прифатен од купувачите е дијамантот одгледан во лабораторија или LGD.

Цените на големо за природните дијаманти паднаа за речиси 30 отсто во текот на минатата година. Ова го покажуваат податоците на независната платформа за вести од индустријата за дијаманти и накит, „Рапапорт“. Побарувачката од Кина и Хонг Конг падна на една третина од нивоата пред пандемијата, додека побарувачката во САД сега е половина од онаа во 2021 година.

Интересно е што во меѓувреме и големопродажните цени за лабораториските дијаманти (LGD) паднаа за 70 отсто од 2018 година, што овозможи побарувачката за овие синтетички скапоцени камења драстично да порасне.

Најголем пад на цената на светскиот пазар има кај малите дијаманти, пренесува Azernews. Кај дијамантите од еден карат до почетокот на ноември, 2024 година, цената падна за 28%, достигнувајќи го најниското ниво од јануари 2015 година.

Еден од клучните фактори за падот на цената е големата понуда на необработени дијаманти на пазарот. Но, најголемото влијание, сепак доаѓа од помладите генерации, бидејќи покажуваат помал интерес за купување на природни дијаманти. Тие поголем интерес покажуваат за алтернативни форми на накит како лабораториски дијаманти или за други одржливи опции.

Експертите од индустријата сугерираат дека промените во преференциите на потрошувачите, особено кај милениумците и членовите на генерацијата Z, придонесуваат за овој пад. Овие помлади купувачи се повеќе се загрижени за еколошките и етичките импликации од ископувањето на дијаманти, што ја поттикнува побарувачката за синтетички или „зелени“ алтернативи. Дијамантите кои се одгледуваат во лабораторија, кои се хемиски идентични со природните дијаманти, забележуваат пораст на популарноста, нудејќи поприфатлива и еколошка опција.

Редакција Трн