Франција заборави да победува

Светскиот фудбалски шампион Франција забиорави да победува. Трет меч по ред не победи во новата сезона од Лигата на нации. Денеска „триколорите“ освоија само бод на гостувањето кај Австрија (1:1), откако во првите две кола во групата ремизираа со Хрватска (1:1) и загубија од Данска (1:2).

Најголемата ѕвезда на „триколорите“ во моментов, Килијан Мбапе ги спаси од нов пораз на „Ернст Хапел“ во Виена, откако даде гол на седум минути пред крајот на мечот за нов бод, втор во овој циклус по три кола, откако Вајман во 37-та минута донесе предност за Австрија.

Во истата група од А-сегментот во Лигата на нации, Хрватска го освои „Паркен“ во Копенхаген и победи со (1:0) во погодокот на Марио Пашалиќ. Ова е прв триумф на „коцкестите“ после поразот дома од Австрија (0:3) и ремито (1:1) со Франција во Сплит.

Хрватите одиграа многу подобро второ полувреме, кога Лука Модриќ и Матео Ковачиќ влегоа во игра на стартот од вторите 45 минути. Данците дадоа два гола, но им беа поништени, еден поради прекршок во напад, а вториот поради офсајд пред самиот крај на мечот.

Данска после двете воведни победи првпат загуби, но остана прва на табелата, Австрија и Хрватска сега имаат по четири бода на второто и третото место, додека Франција неочекувано е последна во оваа група со само два.

Во другите мечеви, Израел со пресврт ја победи Албанија со 2:1 во Б-дивизијата, Словачка го победи како гостин Азербејџан 1:0, а Белорусија и Казахстан одиграа 1:1 во Ц-дивизијата, додека Летонија со 4:2 ја победи Молдавија на гости, а Андора со 2:1 славеше над Лихтенштајн.

Треба да знаете
Последни објави