Skip to main content
Македонија

Николоски: Завршуваме со големи капитални проекти, граѓаните ќе бидат сведоци на инфраструктурен развој

10/01/2025  09:45

Пуштање на првата фаза од експресниот пат Прилеп-Градско и пругата кон Бугарија на потегот од Куманово до Бељаковце, како и за моменталните активности на автопатот Охрид-Кичево, беа дел од темите за кои зборуваше вицепремиерот и министерот за транспорт Александар Николоски во Вечерното шоу на Богдан Илиевски.

Во однос на изградбата на првата фаза од пругата кон Бугарија, министерот истакна дека изградбата е во крајна фаза и во прашање се денови кога ќе се пушти во употреба оваа пруга во должина од 30км.

“Пругата е веќе при крај и во многу брз период таа пруга ќе биде пуштена, со што ќе имаме целосно функционална пруга од Скопје преку Куманово до Бељаковце. Успеавме да ги придвижиме работите заедно со директорот на ЈП Железници – инфраструктура и работите на вториот дел од делницата, а тоа е од Бељаковце до Крива Паланка, или за делница во должина од 34км, која очекувам некаде до 2027 година да е готова, и ќе остане потоа третиот дел кој ќе треба да значи поврзување со Бугарија, кога ќе успееме технички да ги затвориме тие работи”, истакна министерот Николоски.

Во однос на изградбата на автопатот Охрид-Кичево, Николоски потсети дека пред почетокот на летната сезона годинава, ќе биде пуштена во употреба најголем дел од трасата на автопатот или околу 40 км, а истиот ќе биде завршен до крајот на 2026 година. 

Министерот Николоски зборуваше и за активностите на изградбата на коридорот 10д, каде во моментов се завршени работите околу изградбата на на првата фаза од експресниот пат Прилеп-Градско, на потегот од Градско до Дреново. 

“Првата фаза е скоро готова и во наредните денови ќе следува пуштање во употреба. Втората фаза ќе биде готова до март месец годинава”, истакна тој и додаде дека со изградбата на овој патен правец и автопатот Прилеп-Битола Пелагонија ќе доживее целосна ренесанса и ќе добие модерно и брзо поврзување со останатиот дел од државата.