
Огревни дрва и две возила се одземени во полициска акција за спречување бесправна сеча, пустошење шуми и нелегален транспорт на дрва во штипско. Контролите биле спроведени денеска, 23 октомври, од 04:00 до 16:00 часот, на патните правци кон планината Плачковица и во атарите на околните села.

Според МВР, во селото Калаузлија полициските службеници запреле „форд“, управуван од Љ.С. од Скопје, со престој во Штип. Во возилото биле пронајдени огревни дрва без соодветна документација. Возилото и дрвата биле одземени и предадени на Шумската полиција.
Во атарот на селото Кучица било пронајдено напуштено патничко возило „мицубиши“, натоварено со огревни дрва. Полицијата го одзела возилото и го пренела во кругот на Полициската станица во Штип, каде што ќе се утврдуваат сопственоста и евентуалната поврзаност со кривично дело. На друга локација во атарот на истото село биле пронајдени и складирани огревни дрва.
Дополнително, во соработка со Шумската полиција, во двор на куќа во селото Радање, сопственост на Д.А., биле откриени нежигосани огревни дрва кои, според МВР, потекнуваат од нелегална сеча. Тие биле одземени и предадени на вработени во подружницата „Серта“ – Штип на ЈП „Национални шуми“.
Од МВР најавуваат дека по целосното расчистување и документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни пријави. Во соопштението не е наведена вкупната количина на одземената дрвна маса.

