
Четириесет и четиригодишен гостиварец е лишен од слобода откако полицијата го регистрирала како управува „ролс-ројс“ со брзина од 194 километри на час на делница од автопатот Гостивар – Тетово, каде што се дозволени најмногу 80 километри на час.
Според МВР, случајот е регистриран денеска, 23 октомври, во 12:05 часот. Полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата го откриле возилото со тетовски регистарски ознаки со помош на специјално полициско возило – пресретнувач.
Зад воланот бил Б.М. (44) од Гостивар, кој се движел со брзина за 114 километри на час поголема од дозволената, односно повеќе од двојно над ограничувањето.
Возачот е лишен од слобода поради сомнение за кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“. Од МВР информираат дека се преземени мерки и активности и дека против него ќе биде поведена соодветна постапка.
Министерството најавува продолжување на засилените сообраќајни контроли низ државата, вклучително и со употреба на пресретнувачи. Оттаму апелираат возачите да ги почитуваат ограничувањата на брзината и сообраќајните правила, посочувајќи дека пребрзото возење е еден од главните фактори за сообраќајни несреќи со тешки последици.

