Skip to main content
Македонија

Костадиновски со порака до политичарите да ги тргнат рацете од Уставниот суд

23/12/2024  20:00

Тргнете ги рацете од Уставниот суд, порача денеска претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, обраќајки се кон политичките чинители.

„Останете реално и вистински посветени на заложбите за владеење на правото, за правна држава за европски вредности. Секој што мисли дека владеењето на правото и правната држава ќе биде попречена со политички манипулации, притисоци и влијанија, да не се труди! Никој не е над Уставот. Секој е должен да го почитува Уставот. Никој н може да има повеќе власт и права од оние што му ги доделил Уставот, рече Костадиновски на денешната прес – конференција.

Тој упати порака и до граѓаните да бидат спокојни, бидејќи Уставниот суд ќе продолжи безкомпромисно да го чува Уставот и граѓанските слободи и права.

-Владеењето на правото и правната држава не можат да повредат ничии права или чувства, напротив, тие се гаранција за вашите слободи и права кои се признати со меѓународното право и утврдени во Уставот! Не дозволувајте вашите чувства да бидат манипулирани од било кого. Силата на Уставот е втемелена во волјата на секој од нас да го штити и да застане зад него. А јас, ќе останам доследен на моето ветување од првиот ден како претседател, лојален сум само на Уставот и никому друг, истакна Костадиновски.

Костадиновски  притоа извести дека Венецијанската комисија на 18 март ќе го испрати мислењето за Законот за јазиците што, по барање на Уставниот суд, го прифатила. Подготвителната седница за законот е најавена да се одржи најдоцна до 21 март. Листата на учесници на седницата, предложена од судијата известител Елизабета Дуковска, се очекува да биде утврдена утре и ќе вклучува повеќе од 20 експерти, меѓу кои уставни и меѓународни правници и поранешни судии.Костадиновски истакна дека побарале претставник од Венецијанската комисија да дојде на подготвителната седница за да го образложи пријателскиот совет и ставовите на Комисијата. Очекувањата се седницата да се одржи на 19, 20 или 21 март.