Skip to main content
Македонија

ДУИ: Време е Владата да ги стави интересите на граѓаните пред личните и интересите на олигарсите

23/12/2024  10:24

Сè појасни се сигналите од Европската Унија дека деолигархизацијата е неопходен чекор за демократизација и напредок на нашата држава. Затоа, повторно прашуваме: кои олигарси ги штити оваа влада? Чии интереси стојат зад нејзиниот упорен молк? Јасно е дека олигарсите кои ја заробија државата објавија војна на еднаквоста и на принципите на еднакви можности за сите граѓани, велат од Демократска унија за интеграција.

„Токму тие се виновни за продлабочувањето на економската и социјалната неправда, како и за создавањето на систем кој им служи само ним, на сметка на иднината на сите останати. Како што постојано истакнуваме, ревизијата на процесот на приватизација е неопходна. Тоа не е само барање, туку обврска кон граѓаните кои со години се жртви на неправедните и корумпирани практики што ја доведоа нашата економија во оваа состојба. Ги повикуваме институциите веднаш да преземат чекори за деолигархизација, а Владата да престане да биде заробена од спонзорствата на овие олигарси. Наместо да ги штити нивните привилегии, Владата мора да покаже одговорност и да го усвои Законот за рестриктивни мерки како прв чекор кон враќање на владеењето на правото и економската праведност. Деолигархизацијата не е избор, туку услов за напредок на нашата земја кон вистинска демократија и интеграција во Европската Унија. Време е Владата да ги стави интересите на граѓаните пред личните и интересите на олигарсите“, тврдат од партијата.