Панчо – ДНК распали по Милевски: „Во тешки моменти се гледа кој е човек, а кој ти е душман и само од интерес“

Македонската фудбалска репрезентација се подготвува за новиот циклус од „Лигата на нации“, каде што првите два натпревари ги очекуваат против Фарски Острови и Ерменија. Првиот меч е закажан веќе за оваа сабота, а селекторот Благоја Милевски го објави списокот на играчи со кои ќе се обиде да постигне подобри резултати од претходните циклуси.

Иако селекторот Милевски го доби новиот мандат, неговиот начин на водење на репрезентацијата останува предмет на критики и контроверзии. Имено, Милевски не повика некои од поискусните играчи, како екс капитенот Стефан Ристовски, Илија Несторовски, и Бобан Николов, кои со своето искуство би можеле да придонесат за подобри резултати. Ваквиот потег предизвика реакции, особено во споредба со хрватскиот селектор Златко Далиќ, кој го повика Иван Перишиќ во репрезентацијата, и покрај неговата моментална форма и отсуството на клуб.

Реакциите не изостанаа, особено од страна на Владимир Блажев, познат како Панчо од ДНК, кој на социјалните мрежи остро го критикуваше селекторот Милевски. „Замислете и ние да имавме селектор со вакви сфаќања? Брзо се заборава кој што правел и колку придонесувал. Лесно се откажуваме од играчи кои со своето искуство се’ уште можат многу да придонесат за нашата репрезентација и да дадат злато вредни совети на младите фудбалери, макар седеле и на клупа! Во тешки моменти се гледа кој е човек, а кој ти е душман и само од интерес“ – напиша Панчо, правејќи паралела со потегот на хрватскиот селектор Далиќ со нивната фудбалска легенда Перишиќ.

Дали ова ќе биде последната шанса за Милевски да ги докаже своите способности, останува да видиме во претстојните натпревари.

Треба да знаете
Последни објави