Гаши, симбол на злоупотреба на моќта и привилегиите на власта

Во изминатиот месец, претседателот на Собранието, Африм Гаши, успеа да покаже како може да се злоупотребат овластувањата и привилегиите на јавните функционери без никакви последици. Од користење на службени ресурси за лични цели до избегнување на гранични контроли, Гаши со своите постапки ја нагласи суровата реалност на злоупотребата на моќта која, и покрај промената на власта, останува длабоко вкоренета во системот.

Во еден од најфрапантните случаи, Гаши испрати лично обезбедување на аеродром за решавање на проблеми, користејќи ја својата позиција за лични цели.

Во друг случај, тој искористи службено возило за да присуствува на свадба и преминувајќи ја границата со цела колона сватови без пасошка и царинска контрола, покажувајќи дека законот не важи за сите подеднакво.

А на функцијата претседател на Собрание е замислете, помалку од два месеци.

Но, ошто Гаши би се воздржал од вакви постапки? Ако неговите политички колеги можат да се забавуваат во вицепремиерски кабинети, зошто и тој да не ги искористи јавните ресурси за свои лични задоволства? Овие настани го потенцираат длабокото вкоренување на непотизмот и злоупотребата на функцијата, покажувајќи дека, и покрај промените на врвот на власта, старите практики остануваат непокорени.

Но, вистинското прашање кое ги мачи граѓаните е: Дали ќе има вистинска одговорност за овие дејствија? Или пак сето тоа ќе заврши со казнување на неколку послушни службеници, како што е најавено, додека вистинските одговорни ќе останат недопирливи?

Оваа ситуација го отсликува чувството на длабока фрустрација и разочараност кај граѓаните, кои и натаму се сведоци на продолжување на старите практики на злоупотреба и непотизам, и покрај реториката за промени и отчетност. Одговорноста и транспарентноста мора да бидат повеќе од празни зборови ако сакаме да ја вратиме довербата во институциите и да спречиме понатамошно еродирање на правдата и демократијата.

Треба да знаете
Последни објави