
Соопштение за јавност на Левица:
Каква иднина им се нуди на младите во Македонија под власта на ДПМНЕ, најдобро илустрира истражувањето на „Слободен печат”. Студентот на генерацијата на Факултетот за безбедност, кој пред две години извиси на конкурсот на кој за доцент беше избран баџанакот на Панче Тошковски, Стевчо Јолакоски, сега повторно извиси на два конкурса на истиот факултет. Овојпат, за доцент е предложена Билјана Богданова-Смилевска, сопруга на актуелниот началник на СВР Охрид, именуван токму од Тошковски, воедно активистка на ДПМНЕ и поранешна кандидатка за советничка од редовите на партијата во Охрид.
Во 2024 година баџанакот на Тошковски, со просек од 8,02 на додипломските и 8,10 на магистерските студии, беше избран за доцент, наспроти студентот на генерацијата со просек од 9,85. Академската кариера, инаку, не е единствениот ангажман на Јолакоски – покрај раководната позиција во Министерството за транспорт, неговото име фигурира и во Надзорниот одбор на АЛТА банка во периодот на нејзиното контроверзно преземање.
Кандидатот кој повторно извиси има две магистерски дипломи од кои едната од Универзитетот во Женева, докторат со просек 10,00, научноистражувачко и наставно искуство, како и професионален ангажман во безбедносниот сектор. Рецензентската комисија, пак, предноста на Богданова-Смилевска ја образложува со нејзиното наставно искуство.
Врв на иронијата е што пред само две недели Тошковски помпезно најавуваше директно вработување на најдобрите дипломирани студенти во МВР! Министерот кој ветува афирмација на академската извонредност е должен да одговори за непотизмот во случаите во кои фигурираат лица од неговото роднинско и партиско опкружување.
Левица ја повикува Државната комисија за спречување на корупцијата да оформи предмет по службена должност и темелно да ги испита околностите околу изборите на академски кадар на Факултетот за безбедност, политичкото и роднинско влијание, судирот на интереси и селективната примена на критериумите за избор. Воедно, бараме ДКСК да обелодени дали и како постапила по случајот со изборот на баџанакот на Тошковски уште во 2024 година.


