
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека Хрватска и Словенија ја поддржуваат Македонија во процесот на европската интеграција, но дека од нивните претседатели не побарала да застанат на македонската страна во спорот со Бугарија.
На заедничката прес-конференција по денешниот самит на Процесот Брдо-Бриони во Охрид, одговарајќи на новинарско прашање, Сиљановска-Давкова посочи дека со лидерите на двете земји разговарала за македонските евроинтеграции.
Претседателката изрази благодарност до словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ за континуираната поддршка што ја даваат на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон членство во Европската Унија.
Според Сиљановска-Давкова, Словенија и Хрватска не се ограничиле само на споделување на сопствените искуства од евроинтегративниот процес, туку понудиле и активна помош за земјите од регионот.
Таа оцени дека проширувањето на Европската Унија претставува и безбедносен императив, предупредувајќи дека без интеграција на Западен Балкан постои опасност од создавање геополитички вакуум.
Осврнувајќи се на напредокот на Албанија и Црна Гора во пристапните преговори со Европската Унија, Сиљановска-Давкова истакна дека нивниот успех претставува позитивен сигнал и за Македонија и за останатите земји од регионот.
Денешниот самит во Охрид се одржа во рамките на Процесот Брдо-Бриони, чија цел е унапредување на регионалната соработка и забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан.

