Skip to main content
Економија

Цветков до Штериев: Проверивте ли дали НБРМ смее да ги продава акциите на Алта банка? 

25/11/2026  21:34

Пратеникот на СДСМ, Борче Цветков, на денешната втора Надзорна расправа за Алта банка, побара од директорот на Македонската берза, Иван Штериев, да одговори што конкретно проверила Берзата пред да се реализираат трансакциите за купување на Алта банка АД Битола и друштвото кое денес работи под името Алта осигурување. Цветков посочи дека случајот со Алта банка АД Битола отвора сериозни прашања за функционирањето на финансискиот систем, институционалната одговорност и транспарентноста на пазарот на капитал. 

Тој посочи дека Македонската берза има важна институционална улога во обезбедувањето законито и транспарентно функционирање на пазарот, еднакви услови за учесниците и навремено објавување информации од значење за инвеститорите.

„Јавноста има право да знае како се случувале овие процеси, кој носел одлуки, врз основа на која информација и дали во секоја фаза биле почитувани принципите на законитост, транспарентност, еднаков третман и заштита на интересите на засегнатите страни”, рече Цветков.

Во таа насока, Цветков побара конкретен одговор кои документи и одобренија биле доставени до Македонската берза од надлежните институции, кога биле доставени и дали Берзата е подготвена целосно да ја објави хронологијата на постапките.

„Преку Македонска берза поминаа и трансакциите за купување на Алта банка АД Битола и трансакциите за купување на друштвото што денес е Алта осигурување. Што конкретно провери берзата по секој од двата случаи пред да се извршат овие трансакции? Кои одобренија ѝ беа доставени од институциите и на кој датум? Дали сте подготвени да ја објавите таа хронологија?”, праша Цветков.

Во дополнителното прашање, Цветков го отвори и прашањето за можните правни последици од продажбата на акциите, барајќи да се разјасни дали биле проверени овластувањата на Народната банка за нивна продажба и дали постои ризик од нова штета за граѓаните доколку следуваат тужби и меѓународна арбитража.