Skip to main content
Магазин

„Амазон“ ќе снима четврта сезона на „Господар на прстените: Прстените на моќта“

25/11/2026  19:36

Американската компанија „Амазон“ официјално го потврди снимањето на четвртата сезона на серијата „Господар на прстените: Прстените на моќта“. Снимањето на новите епизоди треба да започне напролет во студиото „Шепертон“ во Велика Британија.

Според директорот за глобална телевизиска продукција на „Amazon MGM Studios“, Питер Фридлендер, „Прстените на моќта“ прераснала во една од препознатливите серии на платформата „Prime Video“, благодарение на соработката со креативниот тим. Продолжението на серијата доаѓа и покрај падот на гледаноста по првата сезона, како и по критиките на дел од публиката. Амазон засега нема објавено официјални податоци за гледаноста на третата сезона.

„Господар на прстените: Прстените на моќта“ е заснована на книжевниот свет на Џ. Р. Р. Толкин, а дејството се одвива во второто доба на средната Земја, илјадници години пред настаните прикажани во филмската трилогија „Господарот на прстените“.

Датумот на премиерното прикажување на четвртата сезона засега останува во тајност.