
Соопштение за јавност на СДСМ:
Пратеничката од коалицијата на СДСМ, Соња Мираковска од НСДП, на втората собраниска Надзорна расправа за АЛТА банка, ја повика претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова да одговори на прашања во однос на нејзината одговорност при изборот на Трајко Славевски за гувернер на Народната банка.
Мираковска потсети дека претседателката не ја има само протоколарната улога во изборот на гувернерот, туку директно го предлага кандидатот и е должна да образложи врз основа на кои критериуми го направила изборот.
Таа посочи дека Силјановска Давкова во своето образложение навела три критериуми – стручност и компетентност, достоинство и интегритет и реална можност за именување. Токму последниот критериум отвора сериозна дилема дали бил избран најквалитетниот кандидат или оној за кого било однапред извесно дека ќе ја добие поддршката од парламентарното мнозинство.
„Токму овој последен критериум отвора сериозна дилема. Што значи реална можност за именување? Дали го избравте кандидатот кој најдобро ги исполнува професионалните, моралните и етичките критериуми или кандидатот за кој сте знаеле дека ќе ја добие поддршката од парламентарното мнозинство. Во јавноста се отворија и прашања за отсуството на консензус со опозицијата.Претседателке, вие образложивте дека предлагате кандидат со стручност, достоинство, интегритет и независност. По неговите постапки и јавно изнесените информации за консултации со премиерот се отвара прашањето дали всушност предложивте независен гувернер или обичен партиски поданик чија политичка лојалност е поважна од институционалната независност што треба да ја гарантира функцијата. Нешто што е спротивно на членот 50 став 3 од Законот за Народната банка”, рече Мираковска
Мираковска потсети дека при изборот на претходната гувернерка, Анита Ангелоска Бежовска, беше постигнат консензус со опозицијата, додека во случајот со Славески таков обид воопшто немаше, додавајќи дека и премиерот Мицкоски јавно соопшти дека пратеничката група на ВМРОќе го поддржи предлогот на претседателката и ја повика да одговори дали Славески е избран за гиувернер поради притисок од Мицкоски.
„На 22 мај 2025 година премиерот Христијан Мицкоски јавно соопшти дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи вашиот предлог, спротивно на вашиот предлог од 21 мај што го дадовте за консензус. Затоа првото прашање е: имавте ли притисок од Мицкоски да го номинирате Славевски за гувернер?”, рече Мираковска.
Притоа, Мираковска го отвори прашање то за независноста на Славевски, особено по неговата јавна изјава дека се консултирал со премиерот Мицкоски за влезот на српската АЛТА банка во македонскиот банкарски систем.
Мираковска посочи дека на 1 септември 2025 година Народната банка дала претходна согласност АЛТА банка да стекне до 100 % од акциите на Стопанска банка АД Битола, а ваквите консултации со премиерот отвораат сериозни прашања за институционалната независност.
„По неговите постапки и јавно изнесените информации за консултации со премиерот се отвора прашањето дали всушност предложивте независен гувернер или обичен партиски поданик чија политичка лојалност е поважна од институционалната независност што треба да ја гарантира функцијата. Во меѓувреме во јавноста се отворија и прашања за сопственикот на Алта банка Давор Мацура како и за неговите политички и деловни релации во Србија. Не тврдам дека постои докажан договор меѓу вас Мицкоски, Мацура и Вучиќ, но кога гувернерот јавно потврдува дека се консултирал со премиерот за влезот на конкретната банка, сосема легитимно е да се бара одговор дали зад овој процес имало политичко договарање. И затоа ве прашувам дали назначувањето на Славески беше само заради дилот со Мацура и Вучиќ да се внесе Алта банка во Македонија”, рече Мираковска.
Во дополнителното прашање, Мираковска повторно ја повика претседателката да одговори дали навистина се водела од професионалните критериуми што самата ги поставила или од партиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа потсети дека Силјановска Давкова јавно изјави оти монетарната и финансиската стабилност се јавно добро, а институционалната независност е предуслов за професионално одлучување. Но, токму затоа, нагласи Мираковска, на чело на Народната банка требаше да биде човек кој ќе ја штити стабилноста и средствата на граѓаните.
„Е, затоа требаше да одберете човек кој тоа јавно добро ќе го чува, а тоа е гувернерот на Народна банка, и тие 500.000 и повеќе луѓе што гласале за вас нема да дојдат во ситуација да се чудат дали ќе ги добијат своите средства, затоа што на чело на таа Народна банка стои човек кој е докажан партиски човек”, рече Мираковска.
Мираковска отвори и прашања за тоа дали претседателката имала сознанија за состојбата со капиталот на АЛТА банка и дали постоел ризик во Македонија да се случи слично сценарио како во Србија.
Во дополнителното прашање, Мираковска ја повика претседателката Силјановска Давкова јасно да одговори како е избран гувернерот Славески.
„Дали изборот на Трајко Славески уште еднаш прашувам е ваш професионален избор или тоа е дадено име од страна на владејачката партија во Македонија”, рече Мираковска.


