
Татко и неговите две ќерки од кривопаланечкото село Жидилово заработија кривична пријава поради сомнение дека физички нападнале 67-годишна жена од селото Дрење и ѝ нанеле тешки телесни повреди.
Одделението за внатрешни работи Крива Паланка поднело кривична пријава против Г.Ѓ. (58), А.Ѓ.М. (23) и А.Ѓ. (31), поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“, предвидено во член 131 од Кривичниот законик.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, нападот се случил на 21 ноември 2026 година, околу 9 часот, во селото Дрење.
Додека 67-годишната жена го напасувала својот крупен добиток, тројцата пријавени започнале вербална расправија со неа, по што физички ја нападнале и ѝ нанеле тешки телесни повреди.
Повредената жена била прегледана во Здравствениот дом во Крива Паланка, каде што ѝ биле констатирани тешките телесни повреди.
Според информациите поврзани со случајот, пријавените се сопственици на кравите кои подолг период неконтролирано се движат низ Крива Паланка и предизвикуваат незадоволство кај локалното население.
Проблемот со слободното движење на добитокот со години предизвикува реакции кај граѓаните, кои бараат трајно решение од надлежните институции.
Засега не е официјално соопштен мотивот за физичкиот напад.

