
Во рамките на манифестацијата „Чаир го слави Ноември – 20 години гордост”, денес во Албанскиот театар во Скопје беше одбележана 20-годишнината на Основното училиште „Kongresi i Manastirit”. На одбележувањето на овој јубилеј присуствуваше и градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, кој се осврна на почетоците на проектот за ова училиште во 2006 година, кога за време на неговиот мандат како градоначалник беа преземени чекори за преминување од привремени објекти и бараки кон изградба на современо училиште со достоинствени услови за образование на учениците Албанци.
Меџити истакна дека 2006 година претставува значаен период во историјата на развојот на Чаир. Покрај започнувањето на проектот за училиштето „Kongresi i Manastirit”, оваа година беше одбележана и со поставувањето на споменикот на Ѓерѓ Кастриоти – Скендербег во Скопје, додека во годините што следуваа продолжи именувањето на училиштата и улиците по истакнати албански историски личности.
„Овие иницијативи не беа изолирани една од друга, туку беа дел од една поширока визија за изградба на модерен Чаир, кој се развива, но истовремено ги зачувува и афирмира нашиот национален идентитет, историја и наследство”, истакна градоначалникот Меџити.
Осврнувајќи се на дведеценискиот развој на училиштето, Меџити нагласи дека она што започна како проект, денес претставува образовна институција со свој идентитет, историја и илјадници ученици кои поминале низ нејзините училишни клупи. По повод овој јубилеј, градоначалникот Меџити им упати честитки на колективот и учениците на училиштето „Конгресот на Манастир”, посакувајќи им понатамошни успеси во воспитувањето и образованието на младите генерации.


