Skip to main content
Македонија

Филипче го повика Рокас: На Македонија ѝ треба помош против антиевропската пропаганда на власта

23/11/2026  13:38

Соопштение за јавност на СДСМ:

„И сега ќе го повикам тука на помош и можеби да коментира во даден момент кога ќе сака евроамбасадорот Рокас. По примерот на претседателката Фон дер Лајен којашто кажа дека нас не чекаат во Европа со нашиот идентитет и јазик. Зарем не е тоа најдобар и најголем сигнал дека оваа политика на оваа власт изминативе години, не само од 24, туку и претходно, дека сѐ што направи СДСМ е предавничка политика, практично паѓа во вода.” рече Филипче.

Тој посочи дека со обвинувањата на Христијан Мицкоски и на владејачката гарнитура дека СДСМ водел предавнички политики, индиректно се обвинува и Европската Унија дека уценува земја кандидат за членство. Филипче потсети на пораката на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека Македонија ја чекаат во Европа со својот идентитет и јазик.

„Зошто никој не збори за Европа? Па затоа што синоним за Европа стана предавство благодарение на оваа пропаганда. Тоа стана Европа. Чекај да не зборам, ќе ме направат предавник. Зошто? Затоа што виткам кичма”, рече Филипче.

Филипче посочи дека на Македонија ѝ е потребна помош од ЕУ во соочувањето со пропагандата со која власта со години ги претставува чекорите кон членство во ЕУ како предавство.

„Предавничка ли е, амбасадоре, тоа што треба да се случи? Има ли предавство зад уставните измени или нема? Треба помош од вас? Нас ни треба, на државата ѝ треба, на граѓаните, на Европска унија ѝ треба помош”, рече Филипче.

Осврнувајќи се на изјавите на Мицкоски за Преспанскиот договор, Филипче посочи дека премиерот во странство признава дека договорот го потврдува македонскиот идентитет.

„Епа двојни стандарди. Еден говор за странство, друг за дома”, рече тој.

Филипче оцени дека извештајот на Европската комисија е катастрофален и укажа на отсуството на напредок во правосудството, борбата против корупцијата, изборното законодавство и медиумите. Тој посочи дека Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија имаат јасен патоказ за следните чекори кон ЕУ, додека Македонија, која беше во пар со Албанија, остана надвор од таа група.

„Национално предавство ли е? Или е само една силна лажна кампања со цел да се држи земјава во изолација, додека цел регион оди напред, а ние гледаме како го пропуштаме можеби и последниот воз”, праша Филипче.