
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до припадниците на албанската заедница по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука.
„Почитувани сограѓани Албанци, 22 Ноември е датум чие значење ја надминува симболиката на историски јубилеј. Тој е сведоштво за национална визија и свест за посебен идентитет, чиј темел е стандардизираната албанска азбука.
Конгресот во Битола од 1908 година означи пресвртница и нова фаза во развојот на албанската нација, преку образование и култура на унифициран албански јазик.
Јазикот е основниот белег на националната посебност. Тој е најсилниот инструмент за градење и изразување на колективната меморија на еден народ, неговото духовно наследство и искуство. Албанскиот јазик, вам Албанците ви овозможи да изразите почит кон претците, но и одговорност кон потомците.
Во македонското мултикултурно општество и демократски политички систем, Албанците и албанскиот јазик имаат долга традиција на постоење во уставниот, политичкиот, економскиот, образовниот, научниот, културниот, спортскиот, медиумскиот, забавниот и секојдневниот живот.
Дозволете ми како претседателка на државата, да изразам став дека наша заедничка должност е да градиме општество во кое единството нема да ги негира, туку ќе ги респектира различностите, третирајќи ги како трајни општествени вредности.
Посакувам 22 Ноември да не биде само ден на сеќавање, прослава и гордост, туку и поттик за нови образовни, научни и културни дострели на албански јазик!
На сите граѓани Албанци им упатувам искрени честитки по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука“, стои во четитката.


