Skip to main content
Балкан

Истражување на RCC: 58 проценти од младите во Западен Балкан размислуваат да заминат во странство

19/11/2026  21:01

Речиси шест од десет млади на возраст од 18 до 24 години во Западен Балкан размислуваат да заминат во странство за да живеат или работат, додека 83 проценти од граѓаните се загрижени за трошоците за живот и инфлацијата. И покрај подобреното чувство на лична безбедност во регионот, економската несигурност, иселувањето, корупцијата и дигиталните закани остануваат главни причини за загриженост, покажува истражувањето SecuriMeter 2026 на Советот за регионална соработка (RCC).

Според резултатите од истражувањето, 49 проценти од испитаниците сметаат дека Западен Балкан е безбедно место за живеење, наспроти 38 проценти во 2025 година. Релативно високо ниво на лична безбедност пријавиле 64 проценти од граѓаните.

Сепак, меѓу главните причини за загриженост се трошоците за живот и инфлацијата, кои ги посочиле 83 проценти од испитаниците, депопулацијата и иселувањето со 78 проценти, дезинформациите и лажните вести со 72 проценти, сајбер-криминалот и интернет-измамите со 70 проценти, како и организираниот криминал со 68 проценти.

Истражувањето покажува дека и покрај тоа што 65 проценти од граѓаните немаат намера да се преселат во странство, кај младите преовладува поинаков став. Дури 58 проценти од испитаниците на возраст од 18 до 24 години размислуваат да заминат во друга земја за да живеат или работат.

Економската несигурност дополнително ја засилува загриженоста, имајќи предвид дека само еден од тројца испитаници може да покрие непредвиден трошок од 1.000 евра без да се задолжи или да побара помош од други лица. Воедно, 55 проценти имаат мала или никаква доверба во способноста на нивната заедница да закрепне од сериозна криза.

– Безбедноста не се однесува само на заштитата на луѓето од традиционалните закани. Таа се однесува и на тоа дали луѓето можат да си дозволат достоинствен живот, дали им веруваат на институциите што треба да ги заштитат и дали гледаат иднина за себе и за своите семејства во овој регион, вели Павле Јанковиќ, раководител на Политичкиот оддел на RCC.

Тој посочува дека истражувањето обезбедува податоци за тоа од што се загрижени граѓаните и какви очекувања имаат, што претставува основа за идентификување на заедничките предизвици и креирање регионални одговори.

Високо ниво на загриженост е забележано и во однос на корупцијата. Според истражувањето, 77 проценти од испитаниците сметаат дека корупцијата е широко распространета во нивната економија, иако ова е намалување во споредба со 86 проценти во 2023 година.

Повеќе од половина од граѓаните, односно 52 проценти, не се согласуваат дека јавните институции ги третираат луѓето еднакво. Довербата во политичките партии е само 16 проценти, што е најниско ниво меѓу институциите опфатени со истражувањето.

Значајна е и загриженоста за дигиталната безбедност. Кражбата на лични податоци ги загрижува 74 проценти од испитаниците, додека 72 проценти се загрижени за нивна злоупотреба од приватни компании или интернет-платформи.

Во однос на безбедноста во непосредното опкружување, 53 проценти од граѓаните се чувствуваат загрозено од нелегалното поседување и злоупотреба на огнено оружје во нивното соседство. Сепак, 84 проценти велат дека не би размислувале да поседуваат огнено оружје.

Ставовите кон имиграцијата се поделени. Речиси половина од испитаниците, односно 48 проценти, веруваат дека имиграцијата го зголемува криминалот, додека 21 процент го препознаваат придонесот на имигрантите во пополнувањето важни работни места.

Наодите од SecuriMeter 2026 беа претставени во Белград, во рамки на Белградската безбедносна конференција.