
Прес конференција на СДСМ, Јована Тренчевска, пратеничка и потпретседателка на СДСМ
Доста е од системски жртви, насилство врз жени, фемциди. Доста е од непостапувањата на Министерството за внатрешни работи, заштита на насилници, неказнивост само затоа што некој има врски со оваа криминална власт на локално или на централно ниво. Уште колку жртви се потребни за некој од власта да понесе одговорност?
Панче Тошковски има најголема политичка одговорност за потфрлување на превенцијата за непостапување на МВР и заштита на криминалците. Одамна требаше да си поднесе оставка, а не да чека. Позади секоја жртва на фемцид стојат бројни нерасчистени пријави и непостапувања. Последниот случај со насилството врз Сара од Охрид повторно потврди дека институциите не функционираат, не ја гарантираат безбедноста на жените и служат само како инструмент на власта за заштита од одговорност.
Да не беше брзата гневна реакција на граѓаните, на невладините организации, на СДСМ, ќе ја видевме старата шема на ВМРО. Жртвата во болница и страв за својот живот, а насилникот на слобода поради врски со локалните ВМРО-вски функционери. Затоа го ослободиле да си оди дома. Па откако јавноста гневно реагираше, под притисок се загрижија за себе и реагираа.
Го сменија обвинителот, сменија одлука. Одеднаш им текна на нови околности и го однесоа во притвор. Тоа не е систем. Тоа е партиска контрола која работи по наредби од горе. Има бројни примери – Биљана од Богданци, Росица од Велес, Рамајана од Шуто Оризари, Ивана и нејзината ќерка од Скопје, Сара од Охрид. Безбедноста на жените не смее да биде калкулација на ВМРО.
Мицкоски, Тошковски, Савески – бараме проширување на истрагата. Насилникот од Охрид не е сам. Има родители кои сугерирале да се ослободи од делото и да го заташкаат. Има обвинител кој не постапил. Бараме најстроги казни за насилникот и за сите соучесници кои му помагале да го прикрие делото, доказите, извештаите или ја попречувале правдата.
Бараме одговорност за сите пропусти и санкции за МВР, обвинителство, суд. Како пратеничка група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и коалиционите партнери бараме итно донесување на заклучоците од надзорната расправа кои ќе овозможуваат функционалност на системот, не со укажување, не со препораки, туку со задолжување на институциите.
Итно ставање на дневен ред на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените кои стојат во фиока од август месец. Итна седница на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите со присуство на Тошковски и Савески. Како жени нема да молчиме, туку силно ќе се спротивставиме. Нема да прифатиме во Македонија жените да живеат во страв, а насилниците да се чувствуваат недопирливи.


