Skip to main content
Скопје

Општина Аеродром: Јавен повик за граѓанските организации

10/11/2026  12:08

Општина Аеродром, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), објавува Јавен повик за граѓанските организации во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 3 (ReLOaD3).

Програмата претставува продолжение на партнерството меѓу Европската Унија и УНДП, надоврзувајќи се на претходните иницијативи ReLOaD1 и ReLOaD2, спроведени во периодот од 2017 до 2024 година.ReLOaD3 програмата ќе трае до јануари 2029 и има цел јакнење на партнерствата меѓу општинските власти и граѓанскиот сектор.

Проектните предлози треба да опфатат четири приоритетни области:

  • Заштита на животната средина и одржлив развој;
  • Млади, дигитална трансформација и иновации;
  • Здравје, превенција и здрави животни навики;
  • Социјална инклузија и поддршка за ранливите групи и лицата со попреченост.

Финансиската поддршка е предвидена во три категории:

  • ЛОТ 1: од 150.000 до 307.000 денари;
  • ЛОТ 2: од 307.001 до 615.000 денари;
  • ЛОТ 3: од 615.001 до 1.537.000 денари.

Право на учество имаат сите формално регистрирани граѓански организации согласно со Законот за здруженија и фондации.

Јавниот повик ќе биде отворен од 10 ноември до 8 декември 2026 година, до 15:00 часот.

Комплетната документација и насоките за аплицирање се достапни на веб-страниците на Општина Аеродром (https://aerodrom.gov.mk) и на УНДП (https://www.undp.org/north-macedonia).

Заинтересираните организации ќе имаат можност да присуствуваат на инфосесија и еднодневна обука на 12 ноември 2026 година, со почеток во 10:00 часот, во салата на Советот на Општина Аеродром. Предвидена е и дополнителна менторска поддршка.

Апликациите се доставуваат во електронска форма на USB, во запечатен плик, лично или по препорачана пошта, на адресата: Општина Аеродром, бул. „Јане Сандански“ бр. 109 Б, 1000 Скопје, со назнака:
„Да не се отвора пред официјалното отворање“.

Подносителите на пријава задолжително треба да достават важечка потврда/решение за регистрација на организацијата во земјата (за носителот на проектот и евентуални партнери), кој е задолжителен документ.

За дополнителни информации, граѓанските организации може да се обратат на registry.mk@undp.org, со назнака „ReLOaD3“, најдоцна до 3 декември 2026 година.

Општина Аеродром ги повикува граѓанските организации да ја искористат оваа можност, да ги претстават своите идеи и да понудат конкретни решенија за развој на општината и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.