Skip to main content
Македонија

Директорот на Царина и претседателот на Врховниот суд потпишаа Договор за електронска размена на податоци

10/11/2026  13:59

Директорот на Царинска управа, Бобан Николовски и претседателот на Врховниот суд, Африм Фидани, денеска потпишаа Договор за електронска размена на податоци. Договорот е од суштинско значење бидејќи со истиот на Царинската управа ѝ се овозможува електронски пристап до казнената и кривичната евиденција за физички и правни лица, како и до податоците за изречени забрани за вршење дејност и одземена деловна способност од судскиот систем во државата.

„Потпишувањето на денешниот договор е значајно од два аспекти. Прво, брзиот пристап до  целокупна казнена и кривична евиденција во судскиот систем, ќе придонесе за унапредување на проценките за ризик во оперативните и истражните дејствија и преземање навремени мерки за претпазливост. Нема веќе како досега хартиени барања за проверка во евиденцијата на судовите. Сега тоа се овозможува во реално време. Второ, со овој Договор овозможуваме забрзување на процесите за добивање на царински одобренија, со што покажуваме дека во континуитет  вложуваме во олеснување на трговијата и намалување на бирократските процедури. Покрај тоа увидот во целосната евиденција од судскиот систем, овозможува цврсти гаранции дека привилегии и царински одобренија за учество во трговијата можат да добијат исклучиво економски оператори со верификуван деловен и правен интегритет”, вели Николовски.