
Ограничениот пристап до платите, пензиите и другите редовни примања во Алта банка создава сериозни проблеми за дел од клиентите, а продолжувањето на мерките може да ја загрози нивната егзистенција, предупреди Кирил Миноски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Тој оцени дека, покрај мерките за заштита на банката од панично повлекување на депозитите, неопходни се јасни информации за тоа колку долго ќе траат ограничувањата и кога граѓаните ќе можат повторно да располагаат со своите средства.
„Имаме лица кои буквално добиваат плати, пензии, целосните примања им доаѓаат од таа банка и тоа претставува сериозен проблем. Едноставно, се доведува во ризик нивното секојдневно функционирање“, изјави Миноски.
Според него, периодот од три месеци, кој го посочи како можна временска рамка за привремените мерки, е предолг за луѓето што зависат од редовните примања и од сопствените заштеди за покривање на секојдневните потреби.
„Тензијата и нервозата меѓу луѓето ќе се зголемуваат, затоа што се работи за нивни сопствени средства. Треба конкретно да се искомуницира до кога се очекува да траат мерките и со каква динамика ќе се овозможува повторно користење на парите“, нагласи Миноски.
Тој побара надлежните институции да претстават јасен план и редовно, по можност секоја недела, да ја информираат јавноста за преземените чекори и за напредокот во стабилизирањето на состојбата.
Осврнувајќи се на правото на сопственост, Миноски истакна дека тоа е уставно загарантирано и оцени дека ограничувањето на пристапот до сопствените пари мора да биде привремено и оправдано.
Предупреди и дека продолжената неизвесност може дополнително да ја наруши довербата на клиентите во Алта банка, но и да се одрази врз довербата во банкарскиот сектор во целина.


