
Лидерот на главната опозициска партија во Албанија – Демократската партија, Сали Бериша, најави дека неговата политичка сила повикува на национален протест на 31 октомври, како поддршка за студентите во земјата кои протестираат, пренесе „Еуроњуз Албанија“.

Бериша го осуди она што го нарече „терор и неуставно насилство“ врз демонстрантите. Според него, полицијата постапува во целосна спротивност со законите и Уставот на Албанија, при што приведува поединци и зема изјави од граѓани без никаква правна основа или оправдување.
Според албанската новинска агенција АТА, студенти и демонстранти денеска повторно се собраа, 15-ти ден по ред, пред зградата на Министерството за образование во Тирана. На протестот им се приклучи и група студенти од Медицинскиот факултет во главниот град, а на самото место се присутни и припадници на органите на редот.
Иако во помал број, студентите и денеска пред Министерството за образование продолжуваат да бараат оставка од премиерот Еди Рама. Тие ги одбија сите покани за дијалог упатени од страна на албанскиот премиер.
Протестот на младите и понатаму добива поддршка од наставниот кадар на јавните универзитети, кои од 21 октомври ги бојкотираат предавањата во знак на солидарност со студентите, пренесува АТА.
Вчерашниот протест помина мирно и без инциденти, за разлика од претходните денови кога протестите прераснаа во судири меѓу полицијата и демонстрантите, што резултираше со десетици повредени на двете страни, наведува агенцијата.
Протестите во Албанија почнаа во Тирана на 13 октомври, поттикнати од незадоволството поради лошите услови на универзитетите, високите трошоци за високо образование, недоволната финансиска поддршка за студентите и ограничените можности за вработување по дипломирањето. Демонстрациите брзо прераснаа во антивладини протести, при што беа упатени повици за оставка на премиерот Еди Рама и за формирање техничка влада. Имаше и судири со полицијата, подметнувања пожари и оштетувања на јавни објекти и деловни простори, што резултираше со приведување на стотици учесници.

На 18 октомври, Еди Рама ги обвини Русија, Иран, крајно левичарското движење „Антифа“, политичките и верските екстремисти, како и Сали Бериша, лидерот на опозициската Демократска партија, дека се дел од сложена мрежа за влијание која ги поттикнува протестите во земјата, со цел да предизвика насилство и да шири дезинформации.
