Skip to main content
Економија

Николова: Со вториот ребаланс власта ги крати парите за реконструкција на училишта, студентски и ученички домови 

27/10/2026  18:44

Пратеничката од СДСМ Даниела Николова, на денешната седница на  собраниската Комисија за финансирање и буџет, нагласи дека вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година, е показател за погрешните проекции и недостигот од јасна развојна стратегија на Владата предводена од ВМРО. Наместо да ги заштити инвестициите што се важни за граѓаните, власта ги намалува средствата за образование, реконструкција на училиштата и подобрување на студентскиот стандард.  Николова, посочи дека последиците од ваквото буџетско планирање директно ќе се одразат врз условите за учење и живот на учениците и студентите.

„Особено загрижувачка е структурата на кратењето во образованието. Вкупниот буџет на Министерството за образование и наука се намалува за 185 милиони денари во однос на последниот одобрен буџет. Дополнително, програмата „Инвестиции во образованието” се намалува за 31%, односно за 374 милиони денари, и се сведува на само 824 милиони денари. Во потпрограмата за изградба на училишни спортски сали во основните училишта се намалуваат средствата од 185 на 35 милиони денари. Тоа е сериозно намалување на средствата што треба да овозможат подобри услови за физичко образование и спорт на децата. Во потпрограмите коишто се однесуваат на инвестициите во образованието за реконструкција на основните училишта има за 58,3% помалку средства од она што предвидува буџетот за 2026та година, како и реконструкцијата на средните училишта каде средствата се намалуваат за 60,4%”, рече Николова.

Пратеничката Николова алармираше дека драстично е кратењето на средствата за реконструкција на ученичките домови, каде намалувањето изнесува 93,4%. Од првично предвидените 5 милиони денари, остануваат само 331.000 денари.Николова рече дека квалитетното образование не може да се обезбеди само со декларативни заложби, туку бара конкретни инвестиции во објектите и условите во кои учат децата.

„Ако сакаме децата да имаат подобри услови за учење и спорт, тогаш мора да инвестираме во училиштата. Ако сакаме квалитетно образование мора да ги одржуваме објектите и да реално, а не прво да ги најавуваме, а потоа да ги намалуваме. Посебно е загрижувачки намалувањето на програмата за енергетска ефикасна рехабилитација на студентските домови”, рече Николова.

Дополнително, програмата за енергетска ефикасна рехабилитација на студентските домови се намалува од 585 на 385 милиони денари. Ваквите кратења како што рече Николова, отвораат прашања за тоа кои реконструкции ќе се реализираат, а кои проекти ќе бидат одложени, додека студентите продолжуваат да чекаат подобри услови за живот. Таа потсети на проблемите во студентскиот дом „Стив Наумов”.

„Не е доволно на прес-конференции да се кажува дека студентскиот стандард е важен. Тоа треба да го видиме и во буџетот. Состојбата со студентскиот дом Стив Наумов е уште една причина зошто ветувањата за подобри услови мора да се следат со одговорност и контрола. Домот од страна на министерката беше претставен како хотел од А категорија, а по отворањето во јавноста се појавија пријави за влага, протекување вода и проблеми со греењето. Кој го извршил техничкиот прием? Дали се утврдени недостатоци и најважно кој ќе ја превземе одговорноста што студентите не добија безбеден и функционален простор за живеење на почетокот на академската година па да може да мислат само на учењето како што ги подучи министерката”, рече Николова.

Во обраќањето Николова укажа дека и покрај барањата на студентите за зголемување на  субвенционираниот студентски оброк, власта нема слух, посочувајќи дека студентските претставници од седум универзитети побарале дневниот износ да се зголеми од 140 на 200 денари. Таа нагласи дека и претходно со амандмани при носењето на буџетот и ребалансите бараше зголемување на субвенцијата, во согласност со реалните трошоци за храна.

„Исто така во 2023 година постои законска обврска за покачување на субвенцијата за студентски оброк согласно инфлацијата. Министерката вели ќе прави анализи дали покачувањето е возможно ако секој граѓанин е обврзан да го почитува законот и доколку направи прекршок е санкциониран, се прашувам како тоа министерката си дозволува да не почитува законска обврска и да нанесува штета на буџетот на секој студент”, рече Николова.

Николова нагласи дека не може да се ветуваат подобри услови за образование, а потоа да се намалуваат средствата за реконструкции и инвестиции без јасно објаснување кои проекти ќе трпат последици. 

„Не може да се зборува за задржување на младите во државата, а студентскиот стандард да се третира како споредна тема што може да почека. Ако сакаме младите да останат тука, тогаш мораме да создаваме услови во кои квалитетното образование ќе биде реалност”, рече Николова.