
Кој е најпознатиот човек на светот? Ова прашање предизвика интересна дискусија на социјалните мрежи, откако вештачката интелигенција Грок (Grok), развиена од компанијата на Илон Маск, доби необична задача – да го отстрани најпознатиот човек од фотографија на која се прикажани осум светски познати личности.

Корисник на социјалната мрежа Икс (X) објавил фотографија со осум личности од светот на спортот, политиката, музиката, технологијата и бизнисот, барајќи од Грок да ја отстрани личноста што ја смета за најпозната.
На фотографијата биле Кристијано Роналдо, Лионел Меси, Доналд Трамп, Илон Маск, Мајкл Џексон, папата Лав XIV, познатиот јутјубер Мистер Бист (MrBeast) и нигерискиот милијардер Алико Данготе.
Одговорот на вештачката интелигенција бил – Кристијано Роналдо.
Грок го отстранил португалскиот фудбалер од фотографијата, објаснувајќи дека, според најновите рангирања на светската популарност, Роналдо се наоѓа на самиот врв меѓу прикажаните личности.
Изборот отвори дискусија за тоа како воопшто се одредува кој е најпознатиот човек во светот.
Кристијано Роналдо е една од најследените личности на социјалните мрежи, со вкупно повеќе од една милијарда следбеници на различни платформи. Неговата популарност одамна ги надминува границите на фудбалот, а особено е препознатлив меѓу помладите генерации.
Сепак, многумина сметаат дека Мајкл Џексон би можел да биде попознат на глобално ниво, бидејќи неговата музика остави огромно влијание врз повеќе генерации, уште пред појавата на интернетот и социјалните мрежи.
Од друга страна, американскиот претседател Доналд Трамп речиси секојдневно е присутен во светските медиуми, додека Лионел Меси ужива огромна популарност благодарение на својата фудбалска кариера и освоената светска титула со Аргентина во 2022 година.
Илон Маск е препознатлив по компаниите „Тесла“ и „Спејс икс“, Мистер Бист има огромна публика на Јутјуб, а папата Лав XIV е поглавар на Католичката црква, која има околу 1,4 милијарди верници.
На фотографијата е и Алико Данготе, еден од најбогатите луѓе во Африка, кој е особено познат по своите инвестиции во индустријата.
Иако Грок го избра Роналдо, ваквиот резултат не претставува официјално рангирање на најпознатите луѓе во светот. Популарноста може да се мери преку бројот на следбеници, медиумската застапеност или препознатливоста меѓу различни генерации и региони.
Токму затоа, одговорот на вештачката интелигенција отвори интересно прашање: дали најпознат е оној што има најмногу следбеници или оној чие име го препознаваат најмногу луѓе во светот?
