Skip to main content
Свет

Франција ангажира 70.000 полицајци по најавите за нови протести

27/10/2026  17:28

Франција и за време на протестите планирани за претстојниот викенд повторно ќе распореди голем број полициски службеници, со цел да спречи повторување на немирите што се случија на маргините на претходните демонстрации – изјави денеска министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез за радиодифузерот РТЛ.

Тој најави безбедносна операција слична на онаа спроведена минатиот викенд, кога околу 70.000 полицајци, заедно со оклопни возила и водени топови, беа распоредени за справување со протестите и за сузбивање на насилствата и грабежите на маргините на собирите.

– Ќе имаме распоредување со сличен обем – изјави тој за РТЛ.

– Ќе продолжиме онолку долго колку што е потребно – додаде Нуњез, одговарајќи на прашањето дали полицијата ќе може да одржува толку голема мобилизација со оглед на повиците за нови масовни протести на 5 ноември.

Минатата сабота полицијата, вклучително и специјализираните и елитните единици, беше распоредена во голем број за да спречи немири какви што беа забележани на маргините на демонстрациите претходната недела. Повторно беа присутни групи подготвени да прибегнат кон насилство, изјави Нуњез.

На младите, кои со недели протестираат барајќи подобри услови и повеќе средства за училиштата, им се приклучија и други групи кои протестираат против високите трошоци за живот.

Движењето „Жолти елеци“ повика на нови протести во сабота, вклучително и собири и седечки протести пред Националното собрание и пред сите градски општини низ Франција. Претседателот Емануел Макрон ги опиша планираните демонстрации како „високоризични“ и повика протестните маршеви да се одржуваат надвор од градските центри.

„Жолтите елеци“ повикаа и на протести во петок, за време на кои учесниците ќе удираат во тенџериња и тави, во рамките на таканаречената акција „касеролада“ (удирање во садови за готвење како форма на протест).

Протестите на движењето „Жолти елеци“ против високите трошоци за живот и социјалната нееднаквост ја држеа Франција во неизвесност од ноември 2018 до почетокот на 2019 година. Движењето го доби името по жолтите флуоресцентни елеци што ги носеа многу од демонстрантите.