
Соопштение за јавност на ЛДП:

Кој утре ќе ги лекува граѓаните? Кој ќе проектира мостови, ќе развива нови технологии, ќе ги води научните институции и ќе ја движи економијата? Партиските директори? Партиските книшки? Или очекуваме вечно да увезуваме знаење додека сопственото го извезуваме бесплатно? Како сме тргнале, наскоро нема да биде прашањето која партија ќе управува со институциите, туку дали воопшто ќе останат доволно стручни луѓе што ќе можат да ги водат!
Владата соопштува дека буџетот за наука пораснал од 380 милиони денари во 2024 година, на 680 милиони во 2025 година и 773 милиони денари во 2026 година. Но, зголемување од ниска основа не е исто што и достигнување на европските стандарди! Европската комисија во извештајот за 2025 година предупредува дека вложувањата во истражување и иновации остануваат многу ниски, а учеството на приватниот сектор е маргинално.
И додека Владата ги брои милионите, резултатите од ПИСА тестирањето ја покажуваат загрижувачката состојба во образованието. Само околу 35% од нашите 15-годишни ученици го достигнуваат основното ниво на знаење во природните науки, наспроти 76% во земјите на ОЕЦД. Ова не се само проценти. Ова е предупредување за иднината на цела држава!
Според меѓународните податоци, Македонија во 2021 година вложувала само 0,38% од БДП во истражување и развој, додека Словенија во 2023 година издвојувала 2,13%. Иако станува збор за различни години, разликата јасно покажува колку голем развоен јаз треба да надминеме.
Со децении политиката создава простор за партиски вработувања, додека талентирани млади луѓе бараат можности надвор од Македонија. Не можеме да градиме европска држава со партизација, потценети научници, недоволни инвестиции и генерации на кои единствена перспектива им е билет во еден правец!
ЛДП бара Владата да престане да ги претставува буџетските зголемувања како конечен успех и да понуди конкретен план за достигнување на европските стандарди во науката и образованието. Бараме поголеми и предвидливи вложувања, модерни лаборатории, поддршка за младите истражувачи, поврзување на универзитетите со стопанството и департизација на институциите. Бараме и јавен отчет за тоа колку од најавените средства навистина се инвестирани во научни проекти и какви резултати се постигнати.
Владата мора да одговори: Каква Македонија планира да остави зад себе – држава на знаење, иновации и способни луѓе или држава со партиски директори, празни институции и млади што заминуваат?

Без наука нема развој. Без стручни луѓе нема функционални институции. А без младите нема иднина за Македонија!
