
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа повторно ја нападна Норвешка, нарекувајќи ја „скапана земја“. Тој изјави дека норвешките имигранти не се добредојдени во САД, поврзувајќи го тоа со одлуката да не му биде доделена Нобеловата награда за мир.
Трамп тоа го изјави на политички митинг одржан во Мичиген во пресрет на изборите за Конгресот следната недела.
Во врска со неодамнешните немири во Франција, американскиот претседател рече дека би ги поздравил имигрантите од некои земји, но не и оние од Норвешка бидејќи не ја добил Нобеловата награда“.
„Затоа не сакам никој од Норвешка“, нагласи Трамп.
Засега нема индиции дека администрацијата на Трамп усвоила нова политика кон имигрантите од Норвешка.
„Тој многу добро знае дека Нобеловиот комитет е независен. Ги потсетивме на тоа, ако некој се прашува, и тоа сè уште е така“, изјави денеска норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Ејде за националната телевизија. Неговото министерство одби дополнително да коментира.
„Норвешка всушност стана скапана земја“, рече Трамп, користејќи израз што претходно го употреби за Хаити, Либија, Сомалија и Јемен.
Норвешка е меѓу земјите со највисок бруто домашен производ по жител, покажуваат податоците на Меѓународниот монетарен фонд. Норвешкиот суверен фонд пријави рекордна добивка од 1,75 трилиони норвешки круни (184,3 милијарди долари) во првата половина на 2026 година.

Комитетот за доделување на Нобеловата награда засега не ги коментирал изјавите на американскиот претседател. Претходно овој месец Трамп оцени дека одлуката да не му биде доделена Нобеловата награда за мир е „неизбришлива дамка“ врз угледот на Норвешка.

