
Во Бугарија денеска се одржуваат избори за претседател и потпретседател. Право на глас имаат околу 6,59 милиони граѓани, според податоците што ги соопшти Централната изборна комисија.

Избирачките места се отворија во 7 часот и ќе работат до 20 часот по локално време, односно до 19 часот по македонско време. Во трката учествуваат 27 кандидатски двојки.
Меѓу водечките кандидати се актуелната претседателка Илијана Јотова и поранешниот технички премиер Андреј Ѓуров. Јотова ја има поддршката на премиерот Румен Радев, додека Ѓуров е поддржан од прозападните реформски партии. Нивните позиции се разликуваат особено во однос на војната во Украина — Јотова се залага за дипломатско завршување на конфликтот, а Ѓуров за продолжување на поддршката за Киев.
Кампањата ја одбележаа економските тешкотии, поскапувањето на енергијата и безбедносните стравувања по нападите врз трговски бродови во Црното Море.
За победа во првиот круг, кандидатот треба да освои повеќе од половина од гласовите, при излезност над 50 проценти од запишаните избирачи.

Доколку денеска не биде избран претседател, вториот круг ќе се одржи на 1 ноември. Централната изборна комисија веќе ги утврди техничките услови за гласачките ливчиња за евентуалниот балотаж.

