Разменил дрес со Меси и животот му се претворил во пекол

Фудбалерот на градскиот ривал на Барселона ја плаќа цената за “непромислениот потег”.

Дефанзивецот на Еспањол, 20-годишнито Адриан Педроса, се нашол на удар на сопствените навивачи поради “неопростливата грешка” – разменил дрес со најголемата ѕвезда на лутиот ривал Барселона, Лионел Меси.

Животот на Педроса во последните 2 дена му се претворил во пекол, бидејќи му праќаат навистина грозни закани и осуди на социјалните мрежи. Го нарекуваат “предавник”, “јуда”, “одвратно куче”, само затоа што на крајот на натпреварот, кој Еспањол го изгубил со 2-0, го земал дресот од Аргентинецот.

Притисокот на младиот лев бек бил толку голем што на крајот морал да се огласи на својот профил на Твитер и да ја објасни ситуацијата која му направила проблем.

“Сакам јавно да се извинам поради тоа што се случи во последните неколку часа”, почнал Педроса, па изненадил со зборовите дека Меси го замолил него за дресот.

“Најдобриот играч на светот ми го побара дресот и не можев да кажам не. Тоа е нешто што никогаш нема да го заборавам, најдобар момент во мојата кариера. Секако им се извинувам на навивачите на Еспањол, немав намера да им ги повредам чувствата”.

Останува прашање дали со оваа објава Педроса ќе успее да го ублажи гневот на навивачите меѓу кои има и такви кои повеќе не сакаат да го гледаат во дресот на Еспањол.

Треба да знаете
Последни објави