Жерновски на 16-тиот Мешовит парламентарен комитет помеѓу ЕУ и Република Северна Македонија во Стразбур

Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, во рамки на посетата на Европскиот парламент во Стразбур, оствари повеќе средби со евро-пратеници од различни политички групи. Покрај Едуард Кукан (ЕПП, Словачка) и Иво Вајгл (АЛДЕ, Словенија), кои се известители за нашата држава, се сретна и со Илхан Кјучук (АЛДЕ, Бугарија), Кати Пири (СД, Холандија) и Виктор Боштинару (СД, Романија).

На состаноците стана збор за динамиката на спроведување на клучните реформските области, за внатрешно-политичките случувања, а се разговараше и за предизвиците со кои се соочува Европската унија во моментов.

Република Северна Македонија, покрај огромната енергија што ја вложи, како и големиот успех што го постигна во напорите за надминување на отворените политички прашања – Преспанскиот договор со Република Грција и Договорот за добрососедство со Република Бугарија, во ниту еден момент не отстапи од реформската динамика и не дозволи дефокусирање на земјата од оваа агенда, истакна Жерновски на средбите.

Изрази надеж дека позитивните случувања ќе бидат објективно пренесени во наредниот извештај на Европската Комисија, што ќе претставува основа за конфирмација на одлуката од страна на Европскиот совет во јуни, за конечен почеток на преговорите со Република Северна Македонија.

Беше пренесена благодарноста до евро-пратениците за нивните заложби за негување на политичкиот дијалог и во тој контекст беше потенцирано дека проектот за интеграција во ЕУ и НАТО треба да не’ обедини, битката за правна држава треба да биде натпартиска битка, а законот за СЈО треба да биде консензуално решение кое ќе ја направи нашата држава уште посилна.

Соговорниците беа согласни дека Република Северна Македонија, за еден многу краток период, стана пример на држава која продуцира позитивни резултати на планот на внатрешните реформи, земја која потпиша пристапен протокол за членство во НАТО и земја-модел која со решавање на голем историски конфликтни ситуации ги претвори во одржлива заедница на пријателство и доверба.

Евро-пратениците на ЗМНР Жерновски му ја пренесоа позитивната вест, а тоа е препораката за почеток на преговори со Република Северна Македонија во јуни годинава, која утре, за време на 16 –от состанок на заедничкиот парламентарен комитет помеѓу ЕУ и Северна Македонија, ќе биде усвоена како дел од Препораките.

Во рамките на посетата, предвидена е средба и со Дејвид Кулен, одговорен за македонското досие во Европската комисија, како и со други евро-пратеници и претставници на европските институции.

Треба да знаете
Последни објави