Skip to main content
Македонија

Кога патиштата зборуваат повеќе од политичките ветувања

20/10/2026  14:42

Пишува: ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ

Во македонската политика со години се навикнавме на големи инфраструктурни најави, свечени почетоци на градби, поставување камен-темелници и ветувања за автопати што требаше одамна да бидат завршени. Се менуваа влади, министри и рокови, а ние граѓаните продолживме да се движиме и патуваме по истите патишта и да ги слушаме истите оправдувања. Затоа, кога денес се зборува за изградбата на коридорите 8 и 10, сметам дека е важно да се направи разлика меѓу политичката реторика и она што навистина се случува на терен.

А факт е дека во изминатиот период во транспортната инфраструктура се забележуваат конкретни поместувања. Дел од долгоочекуваните патни делници се пуштени во употреба, други се градат, а некои од проектите што со години беа симбол на застојот повторно добија видлива динамика. Тоа се промени што не треба да се потценуваат, без оглед на нашите политички симпатии или антипатии.

Особено е значајно придвижувањето на автопатот Кичево–Охрид, кој долго време претставуваше своевиден споменик на македонската институционална и градежна неефикасност, проследена со сомнежи за задкулисни договарања и финансиски неправилности. Сите ние кои почесто патуваме по таа делница си ги знаеме маките. Пуштањето во употреба на неговите завршени делници, заедно со подобрувањето на патното поврзување преку Градско и Дреново, покажува дека и сложените, наследени инфраструктурни проекти можат да дадат конкретни резултати кога на долгогодишниот застој ќе му се спротивстават добра организација, политичка волја и континуирана работа.

Не сакам да тврдам дека сите овие проекти се заслуга исклучиво на сегашната Влада. Напротив, дел од нив се започнати многу порано. Но, исто така, сметам дека не е правично да се оспоруваат заслугите на оние што успеваат да придвижат или да завршат нешто што со години стоело отпочнато а недовршено. Во државното управување, завршувањето на наследен проект е подеднакво важна одговорност како и започнувањето нов.

Токму во тој контекст треба да се разгледува и ангажманот на актуелната Влада предводена од премиерот Христијан Мицкоски, како и заслугите на министерот за транспорт Александар Николоски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски и целиот тим ангажиран во оваа област. Постигнатото не треба ниту да се идеализира ниту однапред да се релативизира. Резултатите треба да се препознаат и поздрават таму каде што постојат, а одговорноста за преостанатите обврски да остане јасна и недвосмислена.

Најдобриот политички маркетинг е видливиот резултат

Во современата политика комуникацијата со јавноста е речиси подеднакво важна како и самата реализација на политиките. Но, постои суштинска разлика меѓу маркетинг што создава впечаток и маркетинг што се потпира врз конкретни резултати.

Според мене, токму транспортната инфраструктура е едно од подрачјата во кои политичките пораки можат непосредно да се проверат. Автопатот или е изграден или не е. Делницата или е пуштена во употреба или сè уште се гради. Возот или сообраќа или останува само дел од најавените планови. Граѓаните можат сами да оценат дали патуваат побрзо, побезбедно и покомфорно.

Токму тука политичкиот маркетинг ја добива својата најсилна основа, а тоа е моментот кога ветувањето постепено се претвора во секојдневно искуство на граѓаните.

Затоа Владата треба јавно да го покаже досега направеното, да објасни што останува и да преземе одговорност за роковите. Граѓаните знаат да ја препознаат работата, посветеноста и резултатите. А кога тие резултати стануваат видливи, политичката промоција добива многу посилна и поверодостојна основа.

Од автопатите до железницата – инфраструктура што поврзува

Изградбата на коридорите 8 и 10 има и една многу поширока димензија. Македонија не гради само патишта за сопствените граѓани, туку ја зацврстува својата улога како транспортна и економска врска меѓу различни делови на Европа.

Во таа смисла, не треба да се изостави ниту железничката инфраструктура, која со децении беше запоставувана. Продолжувањето на изградбата на железничкиот Коридор 8 и постигнатиот договор со Бугарија за заедничкиот пограничен тунел претставуваат важни чекори кон подобро меѓународно поврзување. Секако, голем дел од работата допрва претстои, но придвижувањето на овие процеси покажува дека железницата повторно добива место во транспортната стратегија на државата.

Посебно внимание заслужува и градскиот воз во Скопје, чија прва линија од Зелениково, преку Драчево и Лисиче, до Железничката станица во Скопје веќе е пуштена во употреба. Ова е пример за инфраструктурен проект што не се мери само со своето финансиско или градежно значење, туку и со непосредната корист за граѓаните. Побезбеден, побрз и подостапен јавен превоз, помалку сообраќаен метеж и потенцијално намалено загадување се придобивки што можат да го подобрат секојдневниот живот во главниот град. Сега останува проектот да се развива, да се проширува и функционално да се поврзе со останатиот јавен превоз.

Во овој контекст, не треба да се изостави ниту отворањето на новите авиодестинации од Скопје и Охрид, во чија реализација значајна улога имаат и активностите на актуелната Влада, со што дополнително се подобрува меѓународната поврзаност на Македонија и се создаваат нови можности за туризмот, бизнисот и граѓаните.

            Подобрата инфраструктурна поврзаност може да донесе нови инвестиции, поголема трговска размена, развој на туризмот и нови можности за домашните компании. Во исто време, стратегиската важност на овие коридори, особено во контекст на регионалната безбедност и НАТО, ѝ дава на Македонија дополнително меѓународно значење. Сетете се само на Хрватска, која уште пред две децении меѓу првите во регионот ја препозна стратешката важност на изградбата на современа автопатска мрежа и вложи огромни средства во нејзиниот развој. Денес нејзините автопати се важен фактор за туристичката достапност, економската поврзаност и регионалниот развој. Тоа е пример од кој и Македонија може многу да научи.

Но, тука би направил една важна разлика. Коридорите можат значително да ја зацврстат економската, политичката и геостратешката позиција на Македонија, иако сами по себе не можат да бидат единствена гаранција за нејзината стабилност и опстојување. За тоа се потребни и силни институции, владеење на правото, економска одржливост и доверба на граѓаните во сопствената држава.

Добро е што актуелната Влада ја препознава стратешката важност на овие инфраструктурни проекти и ги третира како дел од поширока национална стратегија за развој и меѓународно поврзување. Токму таквиот пристап може да обезбеди инфраструктурните инвестиции да го надминат времетраењето на еден владин мандат и да станат трајна придобивка за државата и нејзините граѓани.

Резултатите остануваат, политичките пораки поминуваат

Лично сметам дека актуелната Влада има основа да ги истакнува досегашните инфраструктурни резултати, но и обврска да покаже дека вложените средства се оправдани, дека проектите се реализираат со потребниот квалитет и дека граѓаните добиваат трајна корист.

Впрочем, вистинската заслуга на една влада не се мери само со тоа колку проекти наследила или започнала, туку колку успешно ги реализирала, колку одговорно управувала со јавните средства и какви долгорочни придобивки им обезбедила на граѓаните. Тоа е критериум што треба да важи подеднакво и за сегашната и за сите претходни влади.

Вистинската политичка вредност на една изградена сообраќајница не се состои во бројот на прес-конференции или во големината на транспарентите поставени при нејзиното отворање. Таа се состои во годините во кои ќе им служи на граѓаните, во времето што ќе им го заштеди, во безбедноста што ќе им ја обезбеди и во економските можности што ќе ги отвори. Истото важи и за железницата, чија вредност најдобро се потврдува преку редовен, сигурен и достапен превоз.

И токму затоа најдобрата промоција на една влада не е она што таа го кажува за себе, туку она што граѓаните можат самите да го видат, почувствуваат и користат. Политичките пораки брзо се забораваат. Добро изградените патишта и функционалните железници остануваат и по завршувањето на мандатите на оние што ги граделе.