
Сојузот на стопански комори не се согласува со предлогот на Стопанската комора за кратење на празниците и наместо тоа смета дека треба да се работи на зголемување на продуктивноста. Предлог за којшто сметаат дека вреди да се разговара во иднина е да се плаќаат вработените по саатнина, односно по работен час по примерот на развиените пазарни економии.
– Македонија има вредни, посветени и чесни луѓе кои сакаат да работат. Затоа, нашиот фокус не треба да биде на намалување на празниците. Нашиот таргет е како да се зголеми продуктивноста. Во таа насока, би сакал да отворам прашање за кое сметам дека треба да се дискутира и во иднина, а тоа е плаќањето по работен час, по примерот на развиените пазарни економии – вели првиот човек на ССКМ, Горан Ѓорѓиевски.
Овој модел, според Комората, ќе ги фаворизира работливите и продуктивните работници, бидејќи ќе им овозможи да заработуваат повеќе, а истовремено ќе донесе и поголема флексибилност на пазарот на труд.
– На пример, некој би можел да работи три часа во еден ден, а пет часа во друг, во зависност од потребите и можностите. Тоа би овозможило поголема флексибилност, особено за родителите и за мајките кои треба да ги усогласат работните и семејните обврски. Не случајно во Соединетите Американски Држави и во дел од европските земји се применуваат различни модели на часовна исплата. Сметаме дека ова е интересна тема за која треба да се најде соодветен модус и во нашата земја – изјави денеска Ѓорѓиевски пред почеток на тркалезната маса на тема „Посилен глас на бизнисот за реформите“.
Од Владата наведуваат дека ова е една од опциите при што треба да се видат искуствата од поразвиените држави.
– Ова прашање сме го дискутирале повеќепати. Сметам дека е една од опциите што треба дополнително да се разгледуваат со цел зголемување на продуктивноста, не само во јавниот, туку и во приватниот сектор. Постојат повеќе методологии за пресметување на надоместокот за труд. Треба да ги анализираме и да ги разгледаме искуствата на поразвиените земји, каде што работното време и исплатата се организираат и врз основа на одработените часови. Мислам дека ова е една од опциите што треба да се разгледуваат во рамки на Економско-социјалниот совет, со учество на релевантните институции, Министерството за економија, Министерството за труд, синдикатите и организациите на работодавачите, вели заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.



