
Три лица од Дебар заработија кривични пријави поради сомнение дека биле вмешани во кражба на пиштол од Општата болница во Дебар. Според полицијата, во случајот е вмешана и вработена во здравствената установа, која му го дала клучот од влезната врата на еден од осомничените.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека ОВР Дебар поднело кривична пријава против Ј.А. (42), А.И.В. (32) и А.К. (36), сите од Дебар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“.
Второпријавената и третопријавениот дополнително се сомничат и за кривично дело „помагање во извршување кривично дело“.
Според информациите од МВР, кражбата се случила во ноќта меѓу 12 и 13 февруари 2026 година, во просториите на Јавната здравствена установа – Општа болница Дебар.
Вработената А.И.В. му го дала клучот од влезната врата на Ј.А., по што тој, заедно со А.К., влегол во болницата.
Откако влегле во објектот, од една од канцелариите одзеле пиштол од марката „црвена застава“, со калибар наведен во полициското соопштение како 9,9 милиметри, кој бил сопственост на болницата.

По преземените мерки, полицијата поднела кривични пријави против тројцата осомничени за понатамошно постапување пред надлежното обвинителство.
