
Граѓаните кои очекуваат значително поевтинување на становите во Скопје во блиска иднина, најверојатно ќе мора да почекаат. Иако пазарот на недвижности покажува знаци на забавување, голем пад на цените засега не е реално да се очекува. Наместо тоа, можно е цените да стагнираат и извесен период да останат на сегашното ниво.

Ваква оценка изнесе универзитетскиот професор Борче Треновски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, анализирајќи ја состојбата на пазарот на недвижности во Скопје и сè поголемиот проблем со обезбедувањето сопствен дом, особено кај младите семејства.
„Не очекувам значително намалување на цените. Меѓутоа, можна е блага стагнација на цените или тие да останат на сегашното ниво“, истакна Треновски.
Според професорот, во одредени скопски населби цените на становите веќе достигнале ниво кое станува тешко прифатливо за купувачите, поради што почнува да се чувствува и забавување на побарувачката.
„Голем дел од становите достигнаа цена за која гледам дека не може да оди понатаму. Тие почнуваат или да се продаваат или сопствениците да чекаат“, рече Треновски.
Тој објасни дека високите цени не се резултат само на еден фактор. Врз нивното формирање влијаат зголемените трошоци за изградба, интересот на македонската дијаспора за купување недвижности, вложувањето во станови како форма на инвестиција, но и стравот на граѓаните дека во иднина цените може дополнително да пораснат.
Посебен проблем, според Треновски, претставува сè помалата достапност на становите за младите луѓе, кои со просечни примања тешко можат да обезбедат сопствен покрив над главата.
Според пресметките што ги посочи, на семејство со приходи блиски до просечните може да му бидат потребни повеќе од 20 години издвојување значителен дел од заработката за да обезбеди сопствен дом.
„Една третина од заработката на едно семејство треба да оди за да се обезбеди дом. Тоа е многу значителен износ, а кога ќе дојдат децата, имате и други трошоци“, нагласи професорот.
Ова, според него, дополнително ја отежнува финансиската стабилност на младите семејства, кои покрај трошоците за домување мора да обезбедат средства за храна, сметки, образование, здравство и секојдневни потреби.
Треновски смета дека за надминување на проблемот се потребни конкретни мерки, меѓу кои даночни олеснувања, подобри услови за станбено кредитирање, изградба на нови станбени објекти и политики кои ќе ги мотивираат сопствениците на празни станови да ги стават на пазарот преку продажба или издавање.
Според неговата оценка, прашањето за достапно домување не е само економски, туку и сериозен општествен предизвик, бидејќи можноста младите да обезбедат сопствен дом има директно влијание врз нивната одлука дали својата иднина ќе ја градат во Македонија или надвор од земјата.

