АХВ: Со предложените законски измени се забранува неконтролирано размножување и продажба на домашните миленици

„Решавањето на проблемот со бездомните животни бара мултисекторски пристап и соработка меѓу институциите на системот, невладините организации и локалните самоуправи и налага преземање законски дефинирани мерки и спроведување  активности со кои конечно ќе се стави ред и ќе се реши овој децениски проблем. Предложените измени на Законот за заштита и благосостојба се во насока на подобрување на одговорното сопствеништво на домашните миленици, со цел намалување на бројот на бездомни кучиња”, изјави директорот на Агенција за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, за време на трибината посветена на предложените измени и дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животните, која се одржа на Факултетот за ветеринарна медицина.

Директорот на АХВ истакна дека новините кои сега се предлагаат се во насока на унапредување на заштитата и благосостојбата на животните, пред сè на поставување основа за решавање на проблемот со бездомните кучиња и реалната опасност од нивното неконтролирано размножување.

„Комисијата за благосостојба во рамки на агенцијата даде виза на предложените законски измени. По нивното донесување ќе се донесат и правилниците за одгледувачниците и за продавниците за домашни миленици, но и други подзаконски акти кои произлегуваат од овој закон“, изјави Атанасов.

Кампањата за бесплатно микрочипирање на домашните миленици е во тек, рече тој и е една од мерките што ги презема агенцијата за олеснување на контролата за заокружување на концептот на одговорното сопствеништво и решавање на проблемот со бездомните кучиња.

Стручни лица од Агенцијата за храна и ветеринарство ги објаснија предложените законски измени за благосостојба. „Се забранува неконтролирано размножување и продажба на домашните миленици, продажба на кучиња и мачки во продавници за домашни миленици и на продажба на домашни миленици на малолетни лица“, наведуваат од АХВ.

На ваквиот законски предлог, претставниците на Кинолошкиот сојуз и одгледувачите на расни кучиња дадоа предлог во измените на законот да се додаде и одредба за забрана за подарување  домашен миленик на малолетни деца. Со предложените измени се врши унапредување на одредбите во однос на контролата на популација на бездомни кучиња па така секој сопственик кој држи две или повеќе репродуктивно способни женки од видот куче ќе треба да се регистрира како одгледувачница, а физичкото или правно лице кое има една репродуктивно способна женка, согласно со измените ќе биде евидентиран како регистриран одгледувач на куче.

Директорот Атанасов појасни дека идејата на вака предложените законски измени е да се воспостави контрола на неодговорното сопствеништво како извор на досегашното неконтролирано размножување на кучињата и да се постави основата за вршење инспекциска контрола и на сопствениците на кучиња.

Со предложените измени, сопствениците кои држат репродуктивно способни женски кучиња ќе имаат обврска да го стерилизираат својот миленик доколку не се регистрираат како одгледувач на куче или не регистрираат одгледувачница, што во голем дел ќе придонесе за намалување на бројот на бездомни кучиња на улиците. На овој предлог претставниците на невладините организации за заштита на правата на животните и одгледувачите на расни кучиња предложија со оваа мерка да бидат опфатени и машките единки.

Како што посочија од АХВ регистрираните одгледувачи на куче и одгледувачниците треба да го пријават леглото од своите животни во овластено ветеринарно друштво, да ги идентификуваат и регистрираат младенчињата согласно со  Законот за идентификација и регистрација на животните пред да ги вдомат, како и да ги пријават лицата каде што ги вдомиле младенчињата. Трошоците за овие постапки се на товар на регистрираните одгледувачи на куче и одгледувачниците кои со предложените законски измени имаат обврска да водат евиденција за милениците.

Новина во законските измени е можноста за вклучување на здруженијата за заштита и благосостојба на животните во носењето на годишниот план за спроведување на активностите, бришењето на одредбите кои се однесуваат на прогласување на куче за опасно врз основа на расата и расните карактеристики, како и давањето надлежности на Државниот комунален инспекторат општинските комунални редари и инспектори за вршење на контроли во поглед на одговорното сопствеништво.

Законот, велат од АХВ, предвидува повисоки казни и за неодговорното сопствеништво, за физичките и правните лица кои нема да се регистрираат како одгледувачи, како и казни за неконтролирано размножување на кучињата.

Габриел Стибел од Кинолошкиот сојуз на Македонија на трибината посочи дека како држава мора да водиме сметка за генетскиот потенцијал на кучињата кои се чуваат во руралните средини како овчарски кучиња. Неопходно е и оваа популација кучиња, рече тој, да биде ставена во системот на евиденција.

Претставникот на ловечката федерација на Македонија предложи место стерилизација на кучињата да се воспостави систем на ДНК-анализа и креирање база со податоци за секој миленик, што според директорот Атансов е прифатливо, но, како дополнителна мерка. Примарно, истакна тој, во овој момент треба да бидат мерките кои ќе бидат насочени кон стерилизација/ кастрација на репродуктивните единки, или регистрирањето на одгледувачница или како одгледувач на куче и создавањето база за следливост на милениците.

Треба да знаете
Последни објави