Search

Јанева уверена дека оние кои замина во куќен притвор нема да бегаат

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева смета преиначувањето на мерките притвор во куќен притвор, кое беше направено неделава за осомничени и обвинети во случаите „Империја” и „Титаник”, по предлогот на СЈО до судот е позитивно за владеењето на правото и за реформите кои се спроведуваат. Уверена е дека лицата за кои е одреден куќен притвор нема да побегнат.

Таа во интервју за Канал 5 нагласува дека СЈО е реформаторска институција, која поинаку гледа на работите во однос на постапките, притворите, времетраењето на мерките.

– Во однос на сегашните одлуки за притвореници кои се во случајот „Империја” и за оние во „Титаник” за Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски во периодот во кој беа во притвор се прибраа доволно докази и се анализираат сите аспекти за тоа дали и до кога би можеле да бидат во притвор и дали би можело со друга мерка да биде обезбедно нивното присуство. Сметавме дека тоа е добро за реформите, за владеењето на правото овие лица во следниот период да бидат во куќен притвор и тоа е доволно да биде обезбедено нивното присуство, вели Јанева.

Таа нагласи дека најважно е што тие биле испитувани и за финансиски истраги, кои се водат во СЈО, како што е случајот „Империја”, за кои како што рече, најважно е обезбедување материјални докази.

-Тоа го направивме, испитавме одредени лица и сведоци важни за утврдување на некои факти, врз основа на финансиски документи, додека трае истрагата ќе се вршат само финансиски анализи за подобрување, прибирање и анализрање на доказите, така да присуството на осомничените не е потребно, тие не можат да влијаат на самата истрага со влијание на некои сведоци или да го повторат делото, вели Јанева.

Во врска со можноста за нивно бегство смета дека во моментов е доволна мерката куќен притвор, со одземање на некои права.

За Јанакиески и Божиновски вели дека се работи за фамилијарни луѓе и двајцата многу уверливо потврдиле дека нема да ја напуштат Република Македонија при давање искази во СЈО.

СЈО изминатите три дена испрати предлози до Апелациониот суд и судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1 на притворените Сашо Мијалков, Орце Камчев, Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска и Тодор Мирчевски од „Империја”, како и Миле Јанакиески и Кирил Божиновски од „Титаник” да бидат пуштени во куќен притвор. Судиите ги прифатија предлозите.

Во врска со изјавата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека помалку верува во СЈО, отколку во периодот кога било формирано, Јанева нагласува дека е многу битно од кое својство тој го кажува тоа.

-Ако тоа е негов личен став не беше местото на брифингот да го каже своето лично уверување, ако е од некоја позиција над СЈО, сметам дека МВР само треба  да ги спроведува одлуките на судот и барањата, да постапува по барањата на обвинителството, вклучувајќи го и СЈО и не е компетентно да ги коментира таквите одлуки бидејќи е помошен орган на ЈО, СЈО и на судот и треба да се грижи што побрзо и поефикансо да ги изврши тие задачи, нагласува Јанева.

Во врска со бегството на Никола Груевски истакнува дека СЈО нема ингеренции во однос на извршувањето на казните и има само право во делот на прекин на казната на некое лице, кое веќе ја издржува. Сите права и одговорности во тој дел, додава, ги имаат судовите во аистенција со МВР и со Управата за извршување санкции.

Треба да знаете
Последни објави