
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршителки сториле кривично дело- Проневера во службата од член 354 став 5 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Во текот на цела 2024 година, првоосомничената на позиција директор на Секторот за финансии и сметководство и второосомничената како шеф на финансиски работи во АД за приредување игри на среќа Државна Лотарија на Република Северна Македонија, вршејќи ги нивните посебни овластувања и должности определени со закон, заедно учествувале во дејствија на извршување на кривичното дело проневера со намера да прибават за себе противправна имотна корист.
Тие присвоиле пари доверени во службата во значителен износ од 79.989.444 денари. Како овластени лица за подигнување на готовински средства наменети за исплата на мали добивки и лица задолжени за прием и уплата на дневниот промет остварен од сопствени продажни места на друштвото, тие целокупниот дневен промет за 2024 година кој им бил доверен од продажните места на АД Државна Лотарија на РСМ, не го уплатиле и не го депонирале на трансакциските сметки на друштвото во деловните банки, туку го присвоиле за себе. Дополнително, од банкарските сметки на АД Државна Лотарија на РСМ подигале парични средства кои исто така ги присвојувале за себе.
Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од криење и бегство, постои основан страв дека осомничените ќе се обидат да ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело, како и особени околности кои укажуваат дека ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците, вештаците, соучесниците или прикривачите, но и околности што упатуваат на можноста да го повторат кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двете осомничени.



