Skip to main content
Економија

Просечната плата порасна за само 118 денари за еден месец

22/09/2026  13:53

Просечната исплатена нето-плата во Македонија во јули изнесувала 48.499 денари, што претставува раст од 7,1 отсто во споредба со истиот месец во 2025 година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Месечниот раст е значително помал. Во јуни просечната плата изнесуваше 48.381 денар, па зголемувањето во јули е 118 денари, односно околу 0,2 отсто.

Според ДЗС, годишното зголемување најмногу се должи на повисоките плати во финансиските дејности и осигурувањето, каде што е регистриран раст од 10,7 отсто.

Во снабдувањето со вода, управувањето со отпадни води и отпад и дејностите за санација на околината платите се повисоки за 10,4 отсто, додека во секторот недвижности растот изнесува 9,6 отсто.

Споредено со претходниот месец, платите најмногу пораснале во стручните, научните и техничките дејности – за 4,3 отсто. Во трговијата и поправката на моторни возила зголемувањето изнесува 3,2 отсто, а во градежништвото 2,3 отсто.