
Посетата на премиерот Христијан Мицкоски и владината делегација на Соединетите Американски Држави има значење што ги надминува протоколните средби. Во Вашингтон фокусот беше ставен на зајакнување на стратешкото партнерство со САД, нови инвестиции, енергетиката, инфраструктурата и отворањето нови економски можности за Македонија.
Еден од најзначајните потенцијални бенефити е отворањето простор за американско финансирање на крупни проекти. Разговорите со Американската корпорација за меѓународно финансиско развивање DFC се однесуваат на области како енергетиката, високите технологии и стратешката инфраструктура, вклучително и проекти како Чебрен и Галиште, гасоводната инфраструктура и Коридорите 8 и 10 и модернизацијата на железничката мрежа.
Особено значајна е енергетската компонента и прашањето за гасоводното поврзување со Грција и Србија. Развојот на гасоводната инфраструктура и поврзувањето со LNG терминалот во Александрополис може да придонесе за диверзификација на снабдувањето со енергија, но и да создаде подобри услови за нови индустриски инвестиции. Паралелно, Владата ја отвора и темата за развој на дата-центри, вештачка интелигенција и високотехнолошка индустрија, што би можело да создаде нов инвестициски циклус и да ја зголеми атрактивноста на Македонија за американски и други меѓународни компании.

Посетата на САД доаѓа во период кога Владата истовремено ја засилува и европската дипломатска агенда. Посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дополнително го става во фокус прашањето за евроинтеграцијата и напредокот на Македонија кон ЕУ. Очекувањата од европската агенда се поврзани со продолжување на реформите, политички дијалог со европските партнери и создавање услови за придвижување на процесот на пристапување.
Оттука, двете посети треба да се гледаат и како дел од поширока надворешнополитичка и економска стратегија на Владата зајакнување на стратешкото партнерство со САД, но истовремено и интензивирање на комуникацијата со Европската Унија.
Вистинскиот ефект од овие активности ќе се мери преку тоа дали дипломатските разговори ќе се претворат во конкретни резултати: нови инвестиции, финансиска поддршка за инфраструктурни и енергетски проекти, поголема економска соработка и напредок во европската интеграција.
За Македонија, користа од ваквата активна дипломатска агенда е можност политичките партнерства да се претворат во конкретни економски и развојни придобивки, додека европската перспектива да добие дополнителен импулс преку поинтензивен дијалог со Брисел.


