
Соопштение за јавност на Левица:
За секој килограм оризова арпа што ќе го продаде, македонскиот земјоделец денес губи пари! Производна цена е 25 денари за килограм, додека откупот се движи по 18 до 20 денари. Тоа значи дека човекот што ја обработува земјата, плаќа нафта, семе, ѓубриво, препарати, вода, механизација и работна рака, на крајот треба уште и да доплати за ‘привилегијата’ што произведувал.
Оризарите со право бараат елементарна економска логика, односно реалната производна цена плус 25% заработка, што при сегашната пресметка би значело 31,25 денари. Но, наместо заработка, системот им испорачува минус од пет до седум денари уште пред да го пресметаат сопствениот труд.
Нов министер, а старата политика остана недопрена. Борче Серафимовски го наследи ресорот од Цветан Трипуновски, но не и решение за луѓето чии амбари со месеци се полни. Уште во август оризарите предупредуваа дека арпата се плаќа 18-20 денари, дека откупот е слаб и дека поскапувањето на горивото и репроматеријалите бара нова реална пресметка на трошоците. Тоа што воопшто мораат да ја објаснуваат оваа азбука на економијата на Министерство за земјоделство е најдобар опис на состојбата во ресорот.
Бесрамно е што најголемиот ризик е приватизиран врз грбот на производителот, а заработката останува по синџирот зад него. Ако има суша – губи земјоделецот. Ако поскапи нафтата – плаќа земјоделецот. Ако препаратите и ѓубривата поскапат – повторно тој. Ако откупувачот реши дека цената ќе биде 18 денари – повторно земјоделецот ја поднесува разликата. Само кога производот ќе стигне до трговијата, одеднаш сите останати во синџирот знаат што е маржа и профит. Очигледно, според аграрната политика на ДПМНЕ, единствениот човек во Македонија кој не смее да заработи од земјоделски производ е оној што го произвел.
И наместо државата да ја исправи оваа огромна нерамнотежа со јасни правила за откуп, транспарентна методологија на производна цена, навремени интервентни мерки и механизам што ќе спречи продажба под трошоците, производителите секоја сезона се пуштаат сами пред откупните пунктови. Пазар во кој едната страна мора да продаде расиплива или сезонска стока, а другата може да чека, да ја симнува цената и да одлучува што ќе преземе, не е пазар меѓу рамноправни субјекти, туку пазар во кој послабиот однапред е осуден да капитулира. Државата токму затоа постои, а не да ја фотографира жетвата и да набљудува како економската моќ е средство за уцена.
А оризот е само уште една ставка во црниот биланс на македонското земјоделство. Кај ајварката, по договорена цена од 30 денари за мешана прва и втора класа, производителите протестираа дека за само неколку дена откупот паднал на 20 денари. Кај пченицата, земјоделците летово добиваа 9,5-10 денари за килограм, додека нивните пресметки за производството се движеа од 17 до над 20 денари. Кај млекото, сточарите протестираа со откуп од 24-26 денари, откако цената претходно била околу 32 денари, и предупредуваа дека не знаат ни дали следниот ден некој ќе им го преземе производството.
Целата слика на овој распад во земјоделството најдобро ја потврдува и официјалната статистика дека во јули 2026 година цените на земјоделските инпути пораснале за 4,1%, додека цените на аутпутот паднале за 5,5%. Значи, на земјоделецот му поскапува сè што мора да купи за да произведе, а му поевтинува сè што на крајот треба да продаде. И тоа е резултат на погрешна аграрна политика што системски го турка производителот во загуба и го расчистува теренот за увозници, трговци и крупен капитал.

Сумирано, најголемиот проблем седи во Владата, а политиките на ДПМНЕ нè водат кон држава што ќе има плодна земја, а ќе јаде увозна храна. Тоа е доброволно предавање на прехранбениот суверенитет. Држава што зависи од туѓ леб, млеко, зеленчук и жито ќе доведе состојба во која граѓанинот секоја следна криза ќе ја плаќа со празен џеб и трпеза.
