Skip to main content
Македонија

Мицкоски: Во Македонија и во оваа Влада, САД гледаат исклучително близок пријател, нивната поддршка останува непроменета, договараме капитални проекти

18/09/2026  22:05

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави, во ексклузивно интервју за МИА од Вашингтон зборува за соработката со САД, за гасоводот и дата-центрите, како и за односите со Бугарија.

Во интервјуто, премиерот Мицкоски истакнува дека ние сме врвен приоритет на САД во регионот, дека апсолутно во Македонија и во оваа Влада гледаат како на близок пријател и дека разговараат за капитални проекти во енергетиката и инфраструктурата.

– Она што мене ме радува е фактот дека апсолутно во Македонија и во оваа Влада, Соединетите Американски Држави и актуелната администрација на претседателот Трамп гледаат како на близок пријател, не само во регионот туку и во Европа, и дека нивната поддршка останува непроменета – не само кога станува збор за НАТО-алијансата, туку и во делот на економијата и потенцијалните инвестиции коишто Соединетите Американски Држави ги имаат во Македонија – вели премиерот Мицкоски.

Што се однесува до односите со Бугарија, тој истакнува дека таа тема е неизбежна и секако се разговара, посебно со луѓе од Советот и Комисијата.

– Нормално дека таа тема ја разговараме. Јас не сум од оние луѓе коишто брзоплето ги прават работите во политиката. Свесен притоа за реалноста, свесен за погрешната политика во минатото од претходните влади. Од друга страна, очекувањата на некои радикални елементи во нашата структура за повлекување од меѓународни договори и преговори – тоа би било идеално доколку сме ние сами на овој свет, но не сме сами и мораме да се бориме да ги повратиме загубените позиции кои во минатото, за жал, претходната влада ги минираше – вели Мицкоски.

Тој додава дека во рамките на таа борба ние секогаш презентираме аргументи коишто се јасно методолошки разбирливи за соговорниците.

– Подготвени сме да аргументираме, подготвени сме, ако аргументите на соговорникот ги совладаат нашите аргументи, да ги прифатиме. Не се инаетиме, не сме тврдоглави. Но, она што претставува наша цел е нашата стратегија, нашата вистина да ја презентираме на најдобар начин на којшто можеме и преку една политичка дебата, една политичка борба на меѓународната сцена да вратиме дел од позициите коишто претходните влади ни ги загубија – истакнува премиерот Мицкоски.

Во однос на дата-центрите, вели дека економијата неповратно се менува, истакнувајќи дека мораме да градиме податочни центри со високи стандарди, со воздушно и фреонско ладење. А што се однесува до гасоводот – ќе имаме 12 пати зголемен капацитет за инвестиции, за гасни централи коишто би произведувале електрична енергија, којашто потоа би се користела во некои податочни дата-центри, а потоа од нив би црпеле можности за вештачка интелигенција. Се бара инвеститор и за Чебрен и Галиште и веќе е разговарано во ДФЦ со Каролајн Вик, а интересот е огромен.

Премиере Мицкоски, во Вашингтон имавте средби со повеќе конгресмени, кои во пресрет на вашата посета организираа дебата со претставници на Стејт департментот на тема Балкан. На таа дебата повеќето држави беа оценувани во контекст на националистичките тензии, славењето воени злосторници, додека Македонија беше издвоена, со позитивни дискусии за изградбата на стратешки важната инфраструктура и воената соработка. Како Вие ја оценувате соработката со САД, со администрацијата на Трамп и нивната политика кон нас и кон регионот?

– Не само со овие соговорници, посетата ја искористивме за средби со различни структури во Вашингтон, со тинк-тенкови, финансиски корпорации, за уште еднаш да ја потврдиме нашата определба и исто така да го потврдиме стратешкото партнерство кое го имаме како земја со Соединетите Американски Држави. Она што мене ме радува е фактот дека апсолутно во Македонија и во оваа Влада, Соединетите Американски Држави и актуелната администрација на претседателот Трамп гледаат како на близок пријател, не само во регионот, туку и во Европа. Нивната поддршка кон нас останува непроменета не само кога станува збор за НАТО-алијансата, туку и во делот на економијата и потенцијалните инвестиции коишто Соединетите Американски Држави ги имаат во Македонија. Тука посебно би го издвоил пристапот со ДФЦ, финансиската корпорација за развој, каде што имав средба со Каролајн Вик, која е практично одговорна за развој и инвестиции низ светот. Финансиското портфолио е околу 200 милијарди долари. Разговаравме за можно финансирање на Чебрен и Галиште, разговаравме и за друг тип инфраструктурни, енергетски и податочни инвестиции што би ги правела Владата, а исто така и за приватни инвестиции коишто би дошле од Америка во Македонија. Така што, кога сето ова би се изанализирало, јас не би дал суд за фокусот и низ која оптика регионот го гледа администрацијата на претседателот Трамп, туку повеќе би се задржал низ која оптика ја гледа Македонија. Мислам дека ја гледа низ најблиска оптика, дека сме врвен приоритет во регионот и ценам дека во годините коишто следат, од ова стратешко партнерство ќе се изнедрат многу капитални проекти коишто ќе имаат историско значење.